Македонка е првата стипендистка на Фондацијата „Бил Гејтс“

Афродита Николова од Штип со помош на стипендија своето образование ќе го продолжи на „Кембриџ“, пишува Дневник.

Таму, во наредните три години Николова ќе ја подготвува својата докторска дисертација откако минатата година магистрира на истата оваа високообразовна институција. Магистрирањето на темата „Интеракцијата на универзитетските студенти со книжевниот текст ’Венецијанскиот трговец‘ во македонскиот контекст“ беше помогнато со стипендиите што македонската Влада ги додели во 2012 година за постдипломци кои ќе се запишат на водечките универзитете во светот, пишува весникот.

Но, успехот на поранешната студентка на Kатедрата по англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет на УKИМ не е само во тоа. Патот до докторската дисертација таа ќе го изоди преку стипендијата на Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, создадена од светски познатиот основач на компанијата „Мајкрософт“ Бил Гејст и од неговата сопруга.

„Дневник“ објавува дека Афродита стана стипендист во голема конкуренција на 3.647 апликанти кои сакаа стипендијава да им помогне во идните научни истражувања. Откако ги помина тешките научни филтри, прво на Факултетот за образование на Универзитетот „Kембриџ“ каде што магистрира на насоката – уметност, креативност, образование и култура, а потоа и во Фондацијата „Гејтс Kембриџ“, таа стана една од 55-те избрани стипендисти од интернационалните кандидати. Ова значи дека во наредните три години ќе и бидат платени целата школарина за студирање, трошоците за патувања, проекти… Успехот е поголем и поради фактот што младата штипјанка практично е прв докторанд од Македонија кому му успеало да ја добие стипендијата на Бил Гејтс во нејзиното досегашно постоење, пишува весникот.