Македонка првенец на генерација на универзитетот во Солун

Ниту проблемот со името, ниту новата и непозната средина, ниту грчкиот јазик не беа пречка за прилепчанката Климентина Ѓоргиоска.

На почетокот беше прва Македонка на факултетот за политички науки на солунскиот универзитет Аристотел, а сега е прва Македонка првенец на генерација на државниот грчки универзитет. Со високиот просек,највисок меѓу  дипломираните студенти ја доби титулата најдобра меѓу своите колеги.  Ѓоргиоска за Канал 5, вели дека нејзиното искуство е пример за кршење на бариерите и стереотипите меѓу двете соседни земји и двата народи.

Деценискиот политички проблем меѓу двете земји никогаш не претставуваше бариера во моето школување. Високите оценки се потврда за објективниот и непристрастен однос на грчките професори, но и доделувањето на ова признание за најдобар студент, за првенец на генерација, како и минатогодишното доделување на плакета за најдобар студент по пракса се потврда дека грчките професори, грчкиот образовен систем е крајно објективен и дека знае да ги почитува и вреднува студентите, но не само грчките студенти туку и студентите кои доаѓаат од другите земји, објаснува Климентина  Ѓоргиоска, која е дипломиран студент на политички науки на Универзитетот Аристотел во Солун.

univerzitet-kliment-1

Ѓоргиоска за Канал 5, вели дека сѐ до официјалната манифестација, на која, како првенец на генерација, имаше задача, но и чест да ја чита свечената заклетва на старо грчки јазик пред сите студенти, не можела да поверува дека токму таа е најдобра меѓу сите нејзини колеги.

Иако предизвикот беше голем да се студира на грчки јазик, сепак со секој поминат семестар, амбициите стануваа се поголеми и оценките се повисоки, така да на некој начин очекував дека би била првенец на генерација, но се до моментот кога се случи официјалната манифестација, не знаев што значи оваа чест. Честа беше голема, да се чита заклетвата на старогрчки јазик, која што не обврзува да делуваме етички во извршувањето на својата професија, потенцира македонската студентка.

Во март годинава, Канал 5 контактираше две Македонки што студираа на државниот универзитет во Солун. Едната од нив беше Ѓоргиоска ни го раскажа нејзиното позитивно искуство од студирањето во Солун, а заедно со нејзината колешка од катедрата за англиски јазик, низ смеа коментираа дека во изминатите години, не само што биле добро прифатени како од професорите така и од студентите, биле и позитивно дискриминирани.

Се случило да дојдам на испит, да дојде професорот и лично да ми се обрати, да ми рече, би бил многу среќен доколку би знаел да пишувам и да говорам на твојот јазик. Сум имала и професори странци од Норвешка конкретно, кои дошле и ме поздравиле на македонски јазик. Ми рекле добро утро или со успех, бидејќи нивниот фокус биле балкански студии,  рече тогаш Ѓоргиеска во однос на нејзиното искуство на солунскиот универзитет.

По дипломирањето, младата прилепчанка сака да се стекне со работно искуство, но и да го продолжи образованието со постдипломски студии.