Македонска Алијанса: Единството на државно-партискиот врв во вакви моменти е повеќе од неопходно

Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, во врска со немилите настани во кумановскиот регион испрати соопштение.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението

Со жалење констатираме дека нашата Татковина повторно е исправена пред безбедносни предизвици и закани како мета на различни провокации и терористички акции, насочени кон предизвикување дестабилизација на Македонија, загрозување на Уставниот поредок и територијалниот интегритет.

Во името на македонската дијаспора на семејствата на припадниците на безбедносните сили кои ги положија животите бранејќи ја Татковината, им изразуваме најдлабоко сочуство за нивната огромна загуба. Со чувство на огромна тага, болка и горчина, се обврзуваме да сториме се’, подвизите на овие големи Херои никогаш да не бидат заборавени.

Македонската Алијанса како одговорен политички субјект, во изминативе 48 часа се воздржа од коментар, за да на било каков начин не создава конфузија или пак да ја отежнува акцијата на Македонските безбедносни сили.

Земајќи предвид дека Министерството за внатрешни работи ја информираше јавноста дека акцијата во Кумановскиот регион е завршена, сметаме дека денес е неопходно дополнително да ги охрабриме сите надлежни државни институции да ги превземат неопходните чекори за целосно расветлување на актуелната безбедносна криза.

Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат кој ги финансира терористичките акции, кој ги снабдува со оружје терористите, што е нивната крајна цел и мотиви, дали нашата Татковина и во наредниот период може повторно да биде цел на една спирала од терористички напади на целата своја територија.

Македонија мора брзо и ефикасно да се справи со оваа безбедносна криза давајќи одговор на сите дилеми, со што ќе се остранат идни евентуални безбедносни ризици, како внатре во државата, така и пошироко во регионот.

Македонската Алијанса ја поздравува присебноста на политичките фактори, особено партиите од Албанскиот политички блок кои со своите ставови дополнително ги охрабрија нашите сограѓани Албанци да им се спротистават на провокациите за создавање на меѓуетнички тензии и судири. Единството на државно-партискиот врв во вакви моменти е повеќе од неопходно. Политичките партии имаат обврска да се воздржат од било какви обиди за печалење на дневно политички поени на актуелната безбедносна криза.

Не сакаме ниту да се посомневаме дека почнувајќи од нападот на караулата на Гошинце, нашата Татковина е цел на нечие смислено сценарио со кое преку нарушен суверенитет од серија на терористички акции, Македонија и Македонскиот народ би бил принуден да се откаже од своето вековно име и идентитет.

Актуелната безбедносна криза треба да биде аргумент повеќе за нашите меѓународни сојузници и стратешки партнери дека заради стабилноста на целиот регион Македонија мора час поскоро да стане полноправен член на НАТО Алијансата, без разлика на ирационалните политики на блокади и уцени од нашиот јужен сосед.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.