Македонија

Македонска Алијанса: Неприфатливо е Советот на Европа да не ги констатира Македонците во Грција

Македонска Алијанса: Неприфатливо е Советот на Европа да не ги констатира Македонците во Грција

Македонската Алијанса смета дека е целосно неприфатливо за најстарата Европска институција, Советот на Европа, да не констатира очигледни загрозувања на човековите права во една Европска земја, како Грција, реагира претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски.

Реакцијата е во врска со последниот Извештај на Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата, каде положбата и заштитата на правата и слободите на Македонците кои живеат во Грција е изоставена.

„Ниту една методологија, пристап или техника не може да биде оправдување за Европската комисија против расизмот и нетолеранцијата да не го осуди, критикува или во најмала рака да го оцени како недозволив, долгогодишниот игнорантски, недемократски и нечовечки однос на официјална Атина кон Македонците кои живеат во Грција. Не сакам да ја намалам важноста на прашањата за правото на муслиманското малцинство во Тракија, ситуацијата со Ромите, имигрантите и барателите на азил, кои се содржани во новиот извештај на ЕКРИ, но никогаш нема да се согласам со принципот дека прашањата поврзани со фундаменталните човекови слободи и права можат да бидат ограничени со некакви методологии. Очигледно е дека Грчките службеници во Советот на Европа, каде секретар на ЕКРИ е Грк, повторно со манипулации ги искористиле овие нови механизми и ограничувања за да ги избегнат критиките за фактот дека Грција се уште ја нема ратификувано рамковната Конвенција, што секако е пораз за Советот на Европа, каде приоритет мора да има заштитата на човековите права. Македонската Алијанса ќе ги искористи сите механизми за дипломатски притисок, и ќе инсистира Советот на Европа, преку Комитетот на министрите веднаш, без одлагање да ја укине новата методологија на ЕКРИ,  како опасен преседан кој може да биде предуслов и во наредните години положбата и заштитата на основните човекови права на Македонците кои живеат во Грција да биде изоставена од годишните извештаи“, стои во соопштението на Македонска Алијанса.