МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА, МАНУ 2009 Скопје, 16 септември 2009 година

Почитувани, Појавата на Македонската енциклопедија на МАНУ претставува национален, културен и научен настан од највисоко значење. Создадена е во нашата највисока научна и уметничка институција и ги легитимира нејзините научни, уметнички и национални дострели, претставувајќи ги истовремено дострелите и на нашиот севкупен интелектуален капацитет. Таквото сознание подразбира и максимална критичност во оценувањето на нејзината вредност и обврзува на постојан стремеж кон повисоки творечки подвизи.

Енциклопедијата е книга на сеопфатни знаења, која по абецеден ред систематски ги обработува фактите и сознанијата. На прв поглед, тие се наредени без смислен ред, а положбата на секоја одредница како да зависи од арбитрерниот избор на првата буква со која започнува нејзиниот наслов. Но ако самиот наслов на енциклопедијата започнува со големата буква- “М”, како прва буква од зборот, кој ја одредува природата на енциклопедијата (“Македонска”), тоа веќе внесува внатрешен ред во на прв поглед расфрлените и неповрзани одредници. Од друга страна, едно е формалното одредување на природата на ова дело како национална енциклопедија, преку нејзиниот наслов, а друго е нејзиното содржинско осмислување на начин кој го оправдува таквиот наслов. Оттука, дозволете ми најпрвин да се осврнам врз прашањето- во која смисла е оваа енциклопедија- македонска? На која Македонија се мисли? Не случајно и денес тоа магично име како и атрибутот македонски предизвикува неразбирања, па дури и соседски кавги. Такво е, затоа што е премногу моќно и толку содржински богато и напрегнато, што изгледа недофатливо за сиромашкиот и ограничен човечки разум. Истовремено и толку славно и 2 значајно за современата цивилизација, што не допушта дневнополитички и слични импровизации и нагрдувања.

Номен ест омен, името обврзува на одговорен однос, поме|у другото и на сериозен пристап кон неговата употреба и во едно вакво дело. Задача на секоја национална (во државното значење на тој збор) енциклопедија е под надворешниот азбучен ред да обезбеди внатрешна кохерентност, сеопфатност и комплексност на претставувањето на темата најавена со нејзиниот наслов. Така обмислениот внатрешен поредок на оваа книга обезбедува целовито, објективно и научно засновано претставување на повеќе од двомилениумскиот период во кој се појавува и опстојува името Македонија и атрибутот македонски. Внимателниот читател мошне лесно ќе го открие внатрешното групирање на одредниците во неколку тематски подрачја: античка, средновековна, нововековна Македонија, а потем, во таквата временска рамка, и основните историски детерминанти што низ мените на епохите го обликувале животот, општествената и државната организација, идеите, традициите и обичаите, материјалното и духовното творештво во целиот македонски простор. Временската и просторна целовитост на претставувањето на Македонија не произлегува од некоја артифициелна проекција, туку е наложена со принципот на вистината како врвен научен принцип . Огромниот број податоци недвосмислено ја потврдува тезата за цивилизацискиот континуитет- од античкиот период, средновековното духовно воздигнување, нововековното национално освестување, револуционерно-ослободителното движење, создавањето на современата македонска држава, нејзиниот развој по прогласувањето на нејзината самостојност и независност, Македонија на континентите, Македонија на митовите, на идеите, ако сакате- и на европските трпези. Тоа е вертикала што ја извишува еден силен внатрешен живототворен и цврст материјал- народот, неговата колективна меморија и неговиот дух, изразен преку јазикот и писменоста, традициите, фолклорот, уметноста и културата.

Врз една таква вертикала, која го впива универзалното античко наследство, врз кирило-методиевската традиција и светиклиментовото просвештение, во времето не многу подоцна од другите балкански народи, созрева македонскиот народносен идентитет во неговото современо значење, и истиот, според закономерностите на времето, набрзо се обликува како јасен 3 национален стремеж кон сопствена држава. Бројните одредници кои се однесуваат на народносното себесознавање, претставено најпрвин како културно и идејно движење, кое претходи на револуционерната и национално-ослободителна акција, му даваат аподиктичко значење на фактот на повеќе од шестдецениското постоење на современата македонска држава, македонската самобитност, јазик, култура и општественост и нејзиното денешно, исто така закономерно изразување како самостоен и независен ентитет во ме|ународната заедница. Елементарниот заклучок кој го сугерираат е тој, дека националниот идентитет е пред сè и над сè културен феномен, кој само таков, како припадност кон определена милениумска култура и традиција, како посебност на идеите и претставата за себе, јазикот, фолклорот, обичаите, материјалното и духовното творештво, опстојувал и во времиња кога општествениот живот на македонскиот народ не бил организиран во посебна државна целина. Низ историските врвици од настани и личности: воини, жртви, духовници, писатели, научници, уметници, народ, револуционери, државници, држава, се надига сликата на двете македонски царства: земското и духовното. Првото, како сè што е земско- непостојано, променливо, рушливо и привремено, и второто, како метафизичка вселенска маглина- исконско и вечно, моќно и автопоетично: Мацедониа Террена и Мацедониа Аетерна. Едното ја одредува нашата материјална егзистенција, другото ја исполнува нашата човечка есенција и постојано ги напојува земските облици на нашето бивствување. Побарајте го објаснувањето на тој феномен, по кого трагале и нашите предци, и во оваа благоглаголива книга, вyирнете се првин во лицата на знаменитите лу|е кои ја создавале историјата на овој земски простор, потем во историските знаци на нејзиниот цивилизациски подем, во потрагата по непресушните извори на македонскиот културен идентитет. Кој не ја сфатил слоевитоста и комплексноста на моќниот духовен и културен извор на името Македонија и на национално-културниот идентитет на Македонците, тој не ја разбира ејдетската природа на човековото битие и склон е да направи тешки грешки во односите со лу|ето кои се идентификуваат со тоа име. Општата сознајба за денешна Македонија како држава и мултикултурна, мултиетничка, мултиконфесионална и плуралистичка заедница се потпира врз огромен број одредници 4 кои врз принципот на објективна научна селекција ги претставуваат: развојот и положбата на македонскиот народ, но и на деловите на албанскиот, турскиот, српскиот и другите народи, именувани или неименувани во Преамбулата на Уставот, кои живеат во Република Македонија, односите со соседните држави, развојот на политичките движења од секаква провениенција, политичките документи, државно-правните акти, културните пројави, познатите историски личности, политичари, писатели, професори и научници и други претставници на македонското општество од сите националности и вери- сиот тој богат трезор врз кој современото македонско општество ја заснова својата сегашност и перспективи.

Ова не е книга за делби и спорења, затоа што низ целиот свој текст, со секоја своја одредница, учи на спротивното- на хармонија, толеранција, заедништво. Ги учи денешните и идните генерации на основното сознание- дека идејата за Македонија, денес олицетворена низ Република Македонија, си пробивала пат низ долгото и мачно историско минато токму со силата на културата на толеранција и заедништво. И дека никому денес не му е дадено правото да ја дели или распарува таа цврста градба, претворајќи го она што е нејзина есенција и основна вредност- различностите во онтолошко единство со нивното заедништво, во изговор за нејзино уривање. На крајот, дозволете ми да подвлечам дека појавата на оваа енциклопедија претставува не само високо достигање, туку и должност на нашата наука: со неа таа им се оддолжува на сите генерациии кои се вградиле во развојот на Македонија, истовремено задолжувајќи ги идните генерации. Тоа обврзува, најпрвин, на објавување на енциклопедијата на англиски јазик и на продолжување на работата на повеќетомното издание.

За мошне успешно завршената работа, за прекрасниот резултат на повеќегодишните напори, им честитам на главниот редактор, акад.Блаже Ристовски, редакцијата и авторите на одредниците и им посакувам уште поголеми успеси во нивната научна работа.