Македонска Каменица се вклучува во санација наштетите од поплавените

Екипи од ЈП „Камена Река“ од Македонска Каменица активно се вклучени во санирање на штетите од поплавите во Скопје. Десет луѓе со соодветна опрема и возило ќе работат наредните денови на испумпување на навлезената вода во домовите во погодените подрачја, како и во расчистување на теренот.

Ова го истакна Васко Десподовски, портпарол на општина Македонска Каменица кој додаде и дека од денеска општина Македонска Каменица и Јавното претпријатие „Камена Река“ во соработка со„Црвениот крст“ започнуваат со хуманитарната акција за собирање донации за настраданите од поплавите во Скопје и Тетово.

– Акцијата ќе се оддржува наредните три дена на градскиот плоштад во Македонска Каменица, со цел да им се помогне на жителите од поплавените подрачја. Приоритетно ќе биде донирање пакувана вода, конзервирана храна, храна за бебиња, пелени и секаква козметика за бебиња и други средства за лична хигиена, средства за дезинфекција, свеќи, пластичен прибор за јадење за еднократна употреба, ќебиња, постелина, вреќи за спиење. Акцијата вклучува и пријава на волонтери кои ќе помогнат во расчистување на штетите предизвикани од невремето. Сите заинтересирани, кои сакаат лично да помогнат, дополнителни информации може да побараат во Јавното претпријатие „Камена Река“ Македонска Каменица, рече Десподовски.

Тој потенцираше дека во текот на вчерашниот ден до собирните пунктови во општина Гази Баба е донирана помошта од РОЦ Саса и од општина Македонска Каменица.

-РОЦ Саса донираше 25 илјади литри вода, а согласно со потребите на жителте, од рудникот најавуваат повторна донација. Од општина Македонска Каменица донирани се околу четири илјади литри вода и средства за хигиена, рече Десподовски.

Ги повика граѓаните на општина Македонска Каменица да ја покажат својата хуманост и да донираат за граѓаните чии домови се уништени од поплавите. Хуманитарната акција ќе трае од 9-15 часот.