„Македонска пошта“ ќе ги имплементира препораките од ревизорскиот извештај

„Македонска пошта“ детално ги разгледа препораките од извештајот на Државниот завод за ревизија за 2012 година, уште од нивниот нацрт – извештај и со завршувањето на финалниот извештај, веќе има отпочнато постапка за анализа и имплементација на овие препораки во своето секојдневното работење, велат од компанијата, пренесе МИА.

„Во извештајот на Државниот завод за ревизија во однос на работата на ‘Македонска пошта’ за 2012 година се нотирани препораки за нашата работа. Затоа овој ревизорски извештај ќе го земеме како насока за понатамошно усовршување и подобрување на квалитетот на нашата работа“, нагласуваат од „Македонска пошта“.

Оттаму информираат дека не е изгорена целосната документација за финансиското работење на „Македонска пошта“, туку недостасуваат само понудите за именуваната тендерска документација во ревизорскиот извештај. Во однос на осигурувањето на „Македонска пошта“, додаваат дека процедурата е во постапка.

„Менаџерските договори на раководството на ‘Македонска пошта’ се според Законот за трговски друштва и се навремено усвоени и одобрени од страна на Надзорниот одбор…. Би сакале да напоменеме дека сите кражби во ‘Македонска пошта’ се во судска постапка, а кривичните престапи на вработените се пронајдени од страна на Внатрешната контрола на ‘Македонска пошта’ и е постапено согласно Законот – вработените се отпуштени, а против нив се водат судски постапки за надомест на штета“, посочуваат од „Македонска пошта“.