Македонска пошта за 65 илјади евра купила бесплатен софтвер

Шеесет и пет илјади евра платило Јавното претпријатие „Македонска пошта“ за да го купи потребниот софтвер кој бил бесплатно симнат од интернет.

Управата за финансиска полиција откри дека имало криминал при набавката на софтверот за што се осомничени четворица, од кои двајца вработени во „Македонска пошта“ за што им се поднесени кривични пријави.

Истрагата покажала дека тендерот бил „фризиран“ за да го добие фирмата „Зокор“ од Скопје чиј управител бил осомничениот Ф.А. (21). Фирмата немало вработени и немала никакво искуство во работата што требало да биде извршена, па откако го добиле тендерот ангажирале друга фирма „Теком“, чиј управител е осомничениот Б.Б (42).

Ф.А., пак, за инсталација на софтверот хонорарно ангажирал надворешни лица кои не ги поседуваат бараните сертификати за стручност. Хонорарците наместо да инсталираат софтвер кој чини десетици илјади евра, тие го симнале од интернет бесплатно.

Според Управата за финансиска полиција првоосомничените Н.И.Д( 45) и Н.K.Н(43) ја злоупотребиле службената положба бидејќи иако знаеле дека фирмата што го добила тендерот не ја завршила работата го потпишале Записникот за технички прием и одобриле исплата на фактура со невистинита содржина изготвена и доставена од страна на Ф.А.