Македонската Алијанса: Македонија мора да покаже зрелост да се соочи со секакви предизвици

Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, во врска со актуелните случувања на Македонската политичка сцена и пристапот на одредени фактори кон начинот на решавање на меѓупартиските конфликти, го изјавува следното:

Македонската дијаспора изразува длабока загриженост за политичките состојби, кои очигледно негативно влијаат врз меѓународниот имиџ на Татковината. Сметаме дека е недозволиво било кој фактор да го става под знак прашање капацитетот на Македонските државни институции. Република Македонија после две децении независност мора да покаже зрелост и целосна подготвеност да се соочи со секакви предизвици. Ниту една моментална политичка агенда не може да биде причина за слабеење или не дај боже, за рушење на Македонските институции. Република Македонија е независна држава, со свој Устав кој предвидува јасна поделба на надлежностите на законодавната, извршната и судска власт. Ние не создававме независна држава за да самите бараме помош и дозволуваме некој од надвор да ни ги решава внатрешните прашања. Македонскиот народ е единствениот извор на легитимитетот. Македонските политичари и политички партии мора конечно да разберат и да прифатат дека без разлика дали се наоѓаат во позиција и опозиција, имаат одговорност со нивните политички активности никогаш да не ги доведуваат во прашање или да ги загрозуваат стратешките интереси на Македонија и Македонскиот народ. Наша обврска е да ги заштитуваме државните интереси и да не дозволиме актуелната политичка состојба да ги поткопува меѓународните позиции на Татковината. Секоја наша евентуална внатрешно-политичка слабост, или вештачки креирана институционална криза може да биде искористена за дополнително засилување на нечија ирационална политика на условувања и блокади, како уцена за промена на Уставното име на Република Македонија.Ние цврсто веруваме дека Македонија има капацитет, сила, знаење и мудрост за одлучен и државнички одговор за сите оние кои повторно сакаат да ја загрозат иднината“, стои во соопштението на Македонската Алијанса.