Македонската амбасадорка во Србија повикана на разговор во српското МНР

Српското Министерство за надворешни работи ја повика македонската амбасадорка Вера Јовановска Типко да даде објаснувања за последните настани во Скопје, соопшти електронското издание на весникот „Вечерње новости“.

Една од клучните теми е објавувањето на тонските записи од прислушкувани разговори меѓу лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоиљковиќ, на српскиот пратеник и новинар Мирослав Лазански и на службеникот на српската Агенција за безбедност и информации во српската амбасада во Скопје, Горан Живаљевиќ, забележа весникот.

Српскиот премиер Александар Вучиќ претходно денеска изјави дека одговорните држави не објавуваат прислушкувани разговори и дека случаите со српските претставници се „срамни“, споменувајќи дека зад објавувањето на снимките не стојат македонските, туку некои западни служби.