Македонската царина заплени 18 килограми марихуана на Ќафасан

Вчера околу 20:30 часот, на граничен премин Ќафасан, за влез во државата се пријави патничко моторно возило со германски регистарски ознаки управувано од лице италијански државјанин со иницијали С.К. При извршена царинска конторла, во фабричките шуплини од возилото во предниот и задниот браник како и во двете предни крила, царинските службеници пронајдоа 17 пакувања обвиткани со самолеплива трака, наполнети со непозната растителна материја со зеленкаста боја, со вкупна тежина од 18 килограми. Непознатата тревкаста материја на тестер за психотропни супстанции НИК покажала присуство на марихуана.

Лицето С.К. дрогата ја набавил од лице од Албанија со намера истата да ја превезе преку Македонија со крајна дестинација Германија каде осомничениот живее и работи 26 години. Пред да тргне од градот Фиер неговиот другар кој е албански државјанин на еден лист хартија му го нацртал патот и државите низ кој требал да помине за да ја пренесе дрогата до крајната дестинација. На листот со рака биле нацртани државите Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија и Австрија. Цената на западно-европскиот пазар за каде била наменета запленетата марихуана се проценува на 40 илјади евра, додека во малопродажба може да достигне и до 80 илјади евра. Уживателите за еден џоинт употебуваат 1 грам марихуана кој го мешаат со тутунот од цигарата. Во конкретниов случај од 18 илјади грама се изготвуваат 18 илјади „џоинти“.

Против сторителот, Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство, а сторителот ќе биде изведен пред надлежен судија на претходна постапка.

Од почетокот на годината, заедно со овој случај откриени се вкупно 24 обиди за пренос на марихуана преку македонската граница, при што се запленети над 720 кг марихуана. Со ова, Царинската управа спречила да се продадат над 721 илјади „џоинти“ со што во малопродажба на македонскиот на нарко пазар би се заработиле 2.344.715 евра.