Македонската економија е најсилна во регионот, БДП е над светскиот просек

Економски раст од 3,4 % ќе има македонската економија годинава. Наредната се предвидува бруто домашниот производ да изнесува 3,6 % . Ова е најновата есенска прогноза на ММФ. Според Извештај на Меѓународниот монетарен фонд за глобалната економија објавен на годишното Собрание во Вашингтон, растот е најголем од сите земји во соседството и регионот.

Најблиску до нашата држава годинава, како што проценува ММФ ќе биде Косово, со прогнозиран раст од 2,7%. Прогнозата за економскиот раст на Косово за следната година е 3,3%. За Црна Гора се предвидува да оствари стапка на раст од 2,3% оваа и од 3,4% во 2015. Албанија би требало да достигне стапка од 2,1% оваа и од 3,3% следната година, додека во 2019 треба да покаже највисок раст на БДП во регионот од 4,7%. Во Извештајот на ММФ подобрена е прогнозата за Словенија, за која се очекува годинава и следната година да оствари стапки на раст од 1,4 отсто, додека пак за Босна и Херцеговина годинава се очекува ниска стапка од 0,7%, но и раст од цели 4% во 2019 година. Според ММФ годинава во рецесија ќе бидат Хрватска и Србија, за кои прогнозите се намалени.

Хрватската економија годинава треба да има пад од 0,8%, за следата година да влезе во позитива од половина процент. Српската, пак, поради штетите од поплавите, треба да влезе во минус од половина процент, за догодина да стигне до позитивни 1%.