Македонската економија се движи во позитивна насока

Економијата на земјава се уште се движи во позитивна насока според податоците на Државниот завод за статистика, а индустриското производство во месец јули расте за 5,9%, во првите 6 месеци е 4,7%.

Се бележи и раст на вработувањата во индустријата за околу 6,7 отсто.

За премиерот Никола Груевски, од овие податоци е најважно дека севкупната економија, БДП бележи раст за 4,3 отсто, што е највисок раст во Европа.

-И во првиот квартал од 3,9 отсто беше највисок раст во Европа за тој квартал. Севкупно, во првите 6 месеци Македонија има највисок раст во економијата споредено со било која друга држава во Европа. Овојпат не зборуваме за прогнози, туку за веќе завршени 6 месеци во кои веќе се знаат резултатите во цела Европа и во Република Македонија. Тоа говори дека работите одат во добар правец, а тоа се покажува и со континуираниот пат на невработеноста. Само во овие шест месеци, од јануари до јуни, имаме пад на невработеноста од 28,8 на 28,2 отсто. Тоа значи дека секој квартал границата по малку се спушта во процентот на невработеност, истакна Груевски.

Премиерот посочи дека има уште проекти и инвеститори, а тоа значи нови работни места и тоа ќе влијае и на зголемен извоз, на зголемено производство, девизни приливи и сите оние параметри кои се значајни во економијата.