Македонија

Македонската економија со најдобри остварувања во Регионот

Македонската економија со најдобри остварувања во Регионот

Македонската економија годинава ќе оствари најдобар резултат во регионот. Во изминатиов период, повеќе меѓународни финансиски институции ги објавија своите прогнози и сите имаа сличен заклучок: домашното стопанство ќе испорача сосема солидни остварувања, пишува Лидер.

Официјален Брисел очекува растот на БДП на Македонија да достигне 3,8%, што претставува најдобар резултат во Европа! Зад нас би се позиционирале Ирска и Малта со раст од 3,6%. Негатива ќе има Кипар, а минимален раст Финска, Хрватска, Грција и Италија. Просечниот раст во Унијата се проектира на 1,8%.

Слична е прогнозата и на Европската банка за обнова и развој. Македонија ќе испорача најдобар резултат во регионот. Растот годинава би изнесувал 3,5%, а в година 3,7%. Сепак, освен што сите релевантни финансиски институции ни предвидуваат солидни економски перформанси, сите предупредуваат на можни негативни последици од политичката нестабилност.

Што ставаме на коцка?

Нови странски инвестиции и отворање нови работни места, продолжување на позитивниот тренд на намалување на невработеноста, зголемена конкурентност, засилени инвестиции во инфраструктурата – ова се дел од факторите кои се поврзани со економскиот раст, а кој и со најновата прогноза на НБРМ ќе изнесува 4,1%.

Лидер анализира што ризикуваме и каде е Македонија во однос на земјите од регионот.

Македонија ја заврши 2014-та година со раст на економијата од 3,8%. Владата проектира дека годинава растот на БДП ќе достигне 4%, а со тоа: градежништвото да оствари раст од 7,5%, индустријата 4,4%, бруто – инвестициите од 8%, извозот 8,5% и увозот 7,4%, а стапката на инфлација да остане ниска на 2%. Она што е најважно, сите очекуваат да продолжи позитивниот тренд на намалување на невработеноста, која се спушти на 27,6%. Надлежните очекуваат до 2018-та година, стапката на невработеност да падне на 22%.

Каде сме во регионот?

Македонија во однос на јавниот долг е меѓу земјите кои се во најповолна позиција. Земјата е се уште во безбедната зона, многу под поставените европски критериуми од 60% од БДП. Просекот во ЕУ е 88%.

Во однос на економскиот раст, Македонија и покрај политичката криза се очекува да забележи најдобар резултат. Хрватска во 2015-та конечно излегува од шестгодишнта рецесија и треба да забележи минимален раст од 0,5%, со тоа што со 2017-та би достигнал 1,5%. Ништо подобар раст не се очекува ниту во Србија, откако земјата претрпе сериозни штети од поплавите. Лани беше регистриран пад од 1,8%, а годинава позитивата би била едвај 0,3%. Ако се направи пресек меѓу прогнозите на ЕУ, ЕБОР, ММФ, СБ, највисоки стапки на раст ќе испорачаат Македонија, Црна Гора и Косово.

Најлошо стоиме со невработеноста, но мора да се напомене дека позитивниот тренд продолжува, а според ММФ, во рок од две години стапката ќе се 25,7%. Од регионот со невработеност од околу 20% се бори Србија, БиХ се движи во рамките од 27%, во Хрватска е 18,4%. Грција е се уште над 25%.

„Дуинг бизнис“ – Македонија најдобра во регионот

Македонија и во последниот извештај на Светска банка е водечки реформатор и најдобро место за отпочнување нов бизнис. Земјава е на 30-то место, пред Црна Гора (36), Бугарија (38), Словенија (51), Грција (61), Хрватска (65), Албанија (68), Косово (75), Србија (91), БиХ (107).

-Македонија се приближи до најдобрите глобални практики, што е поважно од напредокот во рангирањето, бидејќи не влијае на релативните резултати на другите држави, наведе Светска банка за нашата земја.