Македонија

Македонската економија закрепнува со солидно темпо

Македонската економија закрепнува со солидно темпо

Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива во отсуство на ценовни притисоци. Ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, ова се главните заклучоци од редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, пренесува МИА.

На седницата, информираат од НБРМ, беше оценето дека досегашната поддршка на домашната економија преку преземените мерки на монетарната политика е доволна. Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период, пак, ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви.

Од НБРМ истакнуваат дека оцената на економските и финансиските услови покажа дека постојната монетарна поставеност е соодветна, поради што беше одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25 отсто.

– Најновите макроекономски показатели не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, високофреквентните показатели за третото тримесечје од 2014 година упатуваат на задржување на позитивните стапки на економски раст, иако веројатно со побавно темпо во однос на растот од првата половина од годината. Поместувањата кај клучните сектори се во различни насоки. Имено, податоците за индустријата и трговијата за третиот квартал укажуваат на задржување на солидните стапки на раст, наспроти вредноста на извршените градежни работи чијшто пад се продлабочи. Со оглед на очекувањата за интензивирање на активноста на инфраструктурни градежни работи, се оценува дека ваквите поместувања во градежништвото засега се од привремен карактер, истакнуваат од НБРМ.

Оттаму посочуваат дека најновите податоци за инфлацијата во ноември 2014 година покажуваат непроменето ниво на цени во однос на претходниот месец.

– На годишна и на збирна основа инфлацијата бележи идентична негативна стапка од 0,3%, соодветно, главно како резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и цените на енергијата. Базичната инфлација трети месец по ред е во зоната на негативни годишни промени. Овие остварувања упатија на стапка на инфлација која е во согласност со очекувањата во октомвриските проекции, според кои на годишно ниво за 2014 година инфлацијата ќе остане непроменета. Најновите очекувања за увозните цени за следната година се променија во многу кус временски период, потврдувајќи ја неизвесноста околу нивната патека на движење. Притоа, промените кај цените на нафтата повторно се во надолна насока, додека кај цените на дел од светските цени на храната, по подолг временски период направена е нагорна корекција. Сличните појдовни услови и ревизиите на влезните надворешни претпоставки упатуваат на избалансирани ризици околу проекцијата на инфлацијата за следниот период. Изворите на ризици за движењето на инфлацијата за следниот период и понатаму главно се поврзани со глобалниот раст и динамиката на цените на примарните производи на светскиот пазар, велат од НБРМ.

По високата акумулација на девизни резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, додаваат, од почетокот на октомври досега, девизните резерви бележат пад. Интервенциите на девизниот пазар и трансакциите на државата се главните фактори на ваквите промени. Намалувањето на девизните резерви во последниот квартал е во согласност со очекувањата, при што показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на доволно ниво на девизни резерви за справување со евентуални непредвидени шокови.

– Конечните податоци за октомври ги потврдија констатациите добиени од првичните податоци за кредитите и депозитите. Тие укажуваат на продолжување на поволните трендови кај кредитната активност, чијшто годишен раст забрза и достигна 9,7 отсто. Во октомври раст остварија и депозитите, иако поумерен и на годишна основа се зголемија за 8,5 проценти. Движењата кај кредитните агрегати се во рамки на проекцијата, додека пак растот на депозитите е нешто послаб од очекувањата. Сепак, има расположливи податоци само за еден месец од кварталот, а со оглед на променливоста на депозитните текови, до крајот на годината можни се промени во ваквите отстапувања. Поместувањата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност. Сепак, во услови на неизвесен економски амбиент во следниот период и натаму ќе има надолни ризици околу кредитирањето на приватниот сектор, потенцираат од НБРМ.

Ликвидноста на банките, нагласуваат, под влијание на автономните фактори се зголеми, што услови пласирање на вишокот ликвидни средства во краткорочни депозити кај Народната банка. На пазарите на пари, пазарните учесници тргуваа со необезбедени депозити, а зголемена активност со дефинитивни и со репо-трансакции беше регистрирана на секундарниот пазар (т.н. пазар преку шалтер) на хартии од вредност. На девизниот пазар, движењата беа под влијание на вообичаените сезонски фактори.

-Најновите макроекономски индикатори укажуваат на натамошна дивергентност на економиите на евро-зоната и САД. Во САД движењата во економијата генерално се поволни и не ја доведуваат во прашање натамошната нормализација на монетарната политика. Од друга страна, во евро-зоната, во функција на поттикнување на инвестициите на приватниот сектор, беше презентиран Европскиот инвестициски план од 315 милијарди евра, прецизираат од НБРМ.

Најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека движењата на кредитниот пазар укажуваат на поволни движења на кредитниот пазар.

– При вакви поволни економски услови, НБРМ во следниот период главно ќе биде насочена на следењето на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособува монетарната политика соодветно на тоа. Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и растот на светските цени на енергијата и храната. Послабите остварувања во евро-зоната во однос на очекуваните и надолната корекција на оцените за нејзините идни економски остварувања дополнително ги нагласуваат ризиците околу динамиката на глобалното закрепнување. Како фактор на ризик остануваат и ефектите од геополитичките превирања. Ризиците од овие случувања може да се остварат преку нестабилност и тешка предвидливост на цените на енергентите и на житните производи, а воедно може да влијаат и врз очекуваното економско закрепнување, велат од Централната банка.

НБРМ, истакнуваат, ќе продолжи внимателно да ги следи идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособува монетарната политика.