Македонската компанија Њуменс Бизнис Акцелератор започна соработка со европската и француската вселенска агенција

За време на 52-то издание на „Paris Air Show” кое традиционално се одржува секоја втора година уште од 1909-та, на коe светските гиганти во аеро и спејс инустријата ги претставуваат своите најнови технолошки иновации, македонската компанија Њуменс Бизнис Акцелератор потпиша договор за старт на соработката со Европската вселенска агенција  (ESA) и Француската вселенска агенција – (CNES), а на свеченоста присуствуаа претставници и од канадската и од јапонската вселенска аганција.

Како дел од соработката компанијата Њуменс ќе биде задолжена за проширување на натпреварот за вселенски технологии „Act In Space” на територијата на Соединетите Американски Држави и тоа на 15 локации меѓу кои Вашингтон, Масачусетс, Њу Јорк, Чикаго, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Хјустон, Кејп Канаверал.

Она што го прави овој натпревар посебно атрактивен е што е наменет првенствено за стартап тимови кои ќе развијат комерцијални решенија врз основа на постоечки патенти на Европската Вселенска Агенција или на некоја од корпоративните партнери на натпреварот како што е гигантот Ербас (Airbus) кои понатаму ќе продолжат со финансиска и стратешка поддршка на стартап компанијата со цел лансирање на решението на пазарот. За најдобрите стартапи предвидено вклучување во некој од 16-те инкубатори за вселенски технологии на ЕСА во земјите членки на оваа аганција.

Директорката на Њуменс, Ирена Чаушевска, информираше дека ќе овозможат вклучување и на македонски стартапи преку организирање на Act In Space натпревар во еден град од Македонија во мај 2018 година. Чаушевска посочи и дека потрагата по квалитетни тимови ќе започне уште од септември 2017 година кои ќе имаат доволно време да се подготват за конечно нашата земја да ја добие и првата стартап компанија за аеро и спејс индустрија регистрирана во Македонија која ќе има отворени можности за соработка со клиенти од европскиот и американскиот пазар, а Македонија постепено да прерасне во хаб за аеро и спејс иновации во овој дел од Европа.

Имајќи  предвид дека Њуменс Бизнис Акцелераторот е носител и на лиценцата за натпреварот NASA Space Apps Challenge кој веќе пет години го организира и во Македонија, и со кого израснаа и се развија многу млади таленти, од Њуменс сметаат дека е дојден вистинскиот момент за следните чекори во оваа област.

Во рамки на Њуменс делуваат Академија за напредни вештини во компјутерски и креативни технологии и поддршка при вработување, како и Акцелератор за иновативни компании и идеи.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.