Македонската полиција доби скутери

Републичкиот совет за безбедност на сообраќај на патишта (РСБСП) денеска на Министерството за внатрешни работи му донираше шест скутери со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и зголемена мобилност на сообраќајната полиција во градските урбани средини.

Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, оваа донација е и симболична потврда на долгогодишното и традиционално партнерство меѓу МВР и РСБСП. На овој начин, нагласи таа, сакаме да испратиме и порака за потребата од поголема одговорност во сообраќајот, односно поголем ангажман од сите учесници во сообраќајот.

„На овој начин со промовирање на друга форма на мобилност на полицијата во сообраќајот ќе настојуваме полициските службеници да бидат колку што е можно поприсутни и од аспект на време и од аспект на фактичко нивно присуство во средините каде што понекогаш е тешко да се стигне заради гужвите и густината на сообраќајот, како и заради одредена брзина на движење на превозните средства која во голема мера зависи од бројот на учесниците во сообраќајот“, изјави денеска министерката Јанкулоска и оцени дека на овој начин пред се во Градот Скопје сообраќајната полиција ќе може да биде многу помобилна отколку досега.

Тaа нагласи дека партнерството на МВР со РСБСП продолжува со низа заеднички активности и во делот на превентивата, но и генерално подобрување на состојбите во сообраќајот бидејќи, за жал, подвлече, статистиката со која се соочивме оваа година не ни дава за право да бидеме релаксирани, напротив таа е поразителна и мора да направиме дополнителни напори за зголемување на безбедноста.

„Скутерите се еден од најпродаваните модели во Италија, a во 2012 година се најпродаван модел, снагата им е 200 кубика и се едни од најбараните модели во Европа“, изјави Никола Ангеловски, претседател на РСБСП.