среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 45

Македонската ракија најатрактивна за рускиот пазар

Сертифицирањето на ракијата почна во мај. Се надеваме дека за еден месец веќе ќе бидат извезени првите количини во Русија, истакна генералната директорка на „Македонски дом“, Инна Владимировна Жарова.

rakija

Последни вести

Македонската ракија, млечните производи и конзервната индустрија се најатрактивни за рускиот пазар, но и туризмот, заедно со гастрономијата, е меѓу потенцијалните сектори кои може да ја унапредат трговската размена на двете земји.

Како што беше речено денеска на прес-конференција на која Македонско – руската стопанска комора и „Македонски дом“ од Москва потпишаа Договор за соработка, пред да се реализира каков било извоз за Русија, македонските производи мора да поминат низ процес на сертификација.

– Сертифицирањето на ракијата почна во мај. Се надеваме дека за еден месец веќе ќе бидат извезени првите количини во Русија, истакна генералната директорка на „Македонски дом“ Инна Владимировна Жарова.

Во врска со туризмот, Комората и „Македонски дом“ посочија дека немањето директни, чартер летови е се уште главна пречка за негов развој. Обемот на трговската размена, пак, континуирано опаѓа во последните неколку години, иако извозот од македонска страна бележи раст.

– Во август годинава Македонија ја посетиле само 551 гостин од Русија или 0,9 отсто од вкупниот број туристи што е многу мал и безначаен резултат. Затоа, посебно ќе се ангажираме на ова поле, напомена претседателот на Македонско – руската стопанска комора Ѓорѓи Дика.

За поголема промоција и претставување на Македонија пред руските потрошувачи, до март 2017 година ќе се снимаат репортажи од земјава кои ќе ги прикажат природните убавини, гастро и еко потенцијалите, традицијата, производството на храна, пијалoци,…, а потоа, до крајот на јуни и почетокот на јули, групи руски туристи ќе ја посетат Македонија.

– Интересот за Македонија е голем, но поради немањето директни летови, најпрво ќе почнеме со групи од 15 до 20 луѓе, рече Жарова.

Извршниот директор на Комората Дејан Бешлиев дополни дека токму поради немањето чартер летови, се размислува за т.н. алко-гастро туризам како алтернатива.

– Тоа подразбира да им понудиме на руските гости прекрасни вина, ракија, салати, овошје,… а една од опциите може да биде и духовниот туризам, укажа Бешлиев.

Договорот за соработка што го потпишаа Комората и „Македонски дом“ има за цел да му помогне на македонскиот бизнис да биде што поприсутен на рускиот пазар, преку организирање директни контакти со бизнисмени од Русија, симпозиуми, тркалезни маси, конференции, заеднички посети на саемски манифестации,…

– Договорот претставува мост што го поврзува македонскиот пазар со Руската федерација. Убедени сме дека мостот ќе се прошири и зајакне. Заеднички ќе ги интензивираме директните контакти меѓу деловните луѓе и се надеваме дека од тоа ќе произлезат и одредени руски инвестиции во земјава, нагласи Дика.

Македонија моментно во Русија извезува производи од земјоделско-прехранбениот сектор и фармацијата. Според статистиката, размената до крајот на септември бележи опаѓање за 12,2 отсто. Двете земји истргувале стока вредна 129,5 милиони долари, а лани тој износ бил 147,6 милиони.

Македонските компании пласирале 8,9 милиони долари повеќе стока. Извезени се производи за 32,2 милиона или 38,4 проценти повеќе од 2015-та.

Значајно е намален трговскиот дефицит од македонска страна и во овој период изнесува 65 милиони долари.

„Македонски дом“ работи со Македонија 10 години. Влезе преку туристичкиот бизнис, реализирајќи неколку чартери до Охрид, а потоа, со поддршката што се уште ја има од Македонската амбасада во Москва, ја прошири соработката на повеќе нивоа.

Најчитани вести