Македонската репрезентација во тенис со нога на Светско првенство во Кипар

Македонската Серва Федерација го потврди своето учество на 11-то Светско првенство за мажи, на 7-мо Светско првенство за жени, како и на Младинското првенство до 21 година. Натпреварувањата ќе се одржат во кипарскиот град Никозија, од 19 до 21 октомври, 2014 година.

Македонската Серва репрезентација, оваа година, за прв пат ќе вклучува и женски натпреварувачки, а силите ќе ги одмерува и во микс категорија. Инаку, натпреварувањата се одржуваат во сингл (единечно), во дубл (игра во двојки) и во трипл (игра во тројки). Македонската репрезентација ќе брои седум членови, а селектор е Г-дин Далибор Ѓошевски, Генерален директор на малопродажниот ланец Жито Маркети. Оваа компанија, воедно, се јавува и како спонзор на Македонската репрезентација.

Со настапот и на ова Светско првенство го задржуваме континуитетот на присуство на македонската серва репрезентација на големите натпреварувања во овој релативно нов спорт. Со овој настап во Никозија, всушност, правиме и промоција на нашиот женски дел од репрезентацијата со нивниот прв официјален настап на светско ниво. Репрезентативците се подготвени, и овој пат очекуваме да направиме неколку позначајни резултати на светско ниво, па и зошто да не – да се искачиме на некои од трофејните места, затоа што оваа репрезентација има потенцијал за тоа. Со сето ова, би дале дополнителен импулс за поголема промоција на тенисот со нога и во домашни рамки. Всушност, затоа и мојата компанија Жито Маркети, во рамките на својата општествено одговорна агенда, се одлучи да спонзорира помалку популарен спорт, – изјави селекторот Ѓошевски.

Македонската Серва Федерација е членка на Светската Федерација за тенис со нога (или – фудбал тенис ) од 2007 година и до сега зад себе има учество на три светски и на две европски првенства, на кои што има постигнато забележителни резултати. Така, на Европското првенство во 2011 година македонската серва репрезентација зад себе има бронза во машки трипл, додека на Светското првенство што се одржа во 2012 година го зазеде четвртото место во машки дубл.