Македонската влада во 92-ра прифатила решение согласно грчките критериуми ?

Прашањето за името ќе беше завршено уште од 1992 ра година и тоа согласно сето она што го бара грчката официјална политика, открива Михалис Тремопулос, кандидат за пратеник на Сириза во Солун. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Тремопулос вели дека пречка за решавање бил Антонис Самарас кој што користејќи национализам ги торпедирал шансите за компромис. Во периодот од септември 1992 година до 1994 та, власта во Македонија и припаѓаше на СДСМ на чело со тогашниот премиер Бранко Црвенковски, откако претходно и беше изгласана недоверба на првата и техничка Влада на земјата.

“ Прашањето со пј Р Македонија ќе беше затворено уште од 1992 ра, согласно сето она што и денес го бара официјалната грчка политика, ако не беше Самарас кој што го торпедираше секој реалистичен компромис, користејќи страв и национализам за подигање на личната политичка тежина во земјата”, открива Тремопулос, нагласувајќи дека позицијата на Сириза е и ќе остане согласно официјалната грчка црвена линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба.

Тремопулос го обвини Самарас за, според него, монструзната политика на штедење, за невработеноста, но и за проблемите со екологијата и животната средина во Солун и регионот. Тој посочи и неколку точки на заеднички интерес меѓу Македонија и Грција.

“ Премин кон одржливи форми на економија што ќе осигураат просперитет без компромитирање на животната средина и иднината;  заштита на заедничките екосистеми и водени ресурси како Вардар, Преспа и Дојран ; спречување на заканите за растенијата предизвикани од нуклерани централи или мутирани култури близу двете граници ; одржување на мир во регионот и перспективата на соседите во Европската Унија, каде што климата нужно ќе доведе кон компромис за ублажување на националистичката реторика и конечна консолидација за признавање на сегашните граници, како што се случи со Хрватска и Словенија. Ова се заедничките интереси на двете земји кои што не смеат да бидат засенети”, смета Тремопулос.

Неговата реакција доаѓа откако Неа Димократиа на Самарас ги обвини Сириза и лично него дека наводно биле попоустливи за прашањето за името и малцинството. Иако е извесно дека и двајцата наjголеми ривали Антонис Самрас и Алексис Ципрас официјално застануваат зад грчката црвена линија за името, но и зад непочитувањето на малцинските права на Македонците, Неа Димократиа тврди дека Македонија ќе имала корист од победата на Сириза.Повикувајќи се на интервјуто на Македонската информативна агенција МИА со бриселскиот аналитичар Золтан Ѓеваи, од Неа Димократиа соопштија дека Македонците наводно имале интерес од победата на левичарската партија.

“Ивешатајот на државната новинска агенција МИА, објавен и во весникот Нова Македонија, кој што вели дека единствената земја што ќе има бенифит од победата на Сириза е Македонија, открива дека Скопје има интерес од победа на Сириза на изборите”, се вели во партиското соопштение.

Во овој предизборен период се чини дека целта оправдува секакви средствата, па се оди дотаму што се вадат од контекст и интервјуа стари по неколку години, со цел да се наштети на една од политичките опции. Таков е случајот со Насос Теодоридис од Сириза, кој што пред повеќе од една година во интервју за Нетпрес и МРТ изјави дека Македонија има право да го користи своето уставно име, но нагласи дека тоа е негов личен став кој што се разликува од партискиот. Сепак, грчкиот портал за вести Тет а тет користејќи го интервјуто со Теодоридис и тоа со Ѓеваи од Брисел, тврди дека Македонците наводно навиваат за Ципрас.

“ Очигледно Скопјаните со носталгија се сеќаваат на членот одговорен за Комитетот за човекови права на Сириза, Насос Теодоридис, кој што за ТВ Дневникот на Македонската Телевизија и новинарката Марија Котовска, изјави дека неотуѓиво право на Македонците е да се нарекуваат себеси Македонци и дека тој признава Македонско малцинство во Грција”, се вели во текстот на грчкиот портал.

Последните анкети и натаму го потврдуваат водството на Сириза пред Неа Димократија.