Магазин

Македонски драматурзи и режисери во Долна Нормандија

Македонски драматурзи и режисери во Долна Нормандија

Македонскиот драмски автор Дејан Дуковски престојува во Каен, Долна Нормандија, на реализација на театарска резиденција во рамки на проектот „Пишување и режија, денес“, фестивал на современи дела, чие 18-то издание е посветно на соработка со Македонија и македонската драматургија.  

Дуковски до 8 мај ќе работи во Панта театарот со францускиот театарски режисер Ги Деламот и пет француски автори на поставување на неговата драма „Утерус”.

Освен Дуковски во проектот се вклучени и македонските драмски режисери и автори Срѓан Јаниќијевиќ, Нела Витошевиќ, Горјан Милишевски и Мартин Кочовски кои исто така во текот на следниот месец ќе престојуваат во Панта театарот и ќе работат на поставување на драмата „Шехерезада” на Срѓан Јаниќијевиќ во соработка со режисерката Нела Витошевиќ и драмата „Човекот кој не знаеше да каже НЕ!” на Горјан Милишевски во соработка со режисерот Мартин Кочовски. Сите три драми ќе бидат претставени пред француската публика на крајот на мај, пренесува МИА.

Партнер на оваа соработка во Македонија е Македонскиот народен театар, кој восептември ќе овозможи резиденција на  францускиот режисер Ги Деламот и француската драмска авторка Сабин Ревије на поставување на нејзината драма „Пардон” во соработка со пет македонски актери од театарот, која ќе се претстави пред македонска публика.

Соработката се реализира во рамки на Програмата за Децентрализирана соработка помеѓу регионот Долна Нормандија (Франција) и Македонија, во делот посветен на уметичка размена, кој во Македонија е координиран од страна на Локомотива, Скопје.