Македонски државјанин повреден во нападот во Барселона

Македонски граѓанин, кој во моментот на нападот во Барселона бил во непосредна близина, се здобил со скршеница на зглобот на ногата. Тој не е во животна опасност и е третиран од страна на шпанските медицински служби, соопшти во петокот утрото македонското Министерство за надворешни работи.

Претходно бугарската новинска агенција БТА, повикувајќи се на соопштени на ппанските власти доцна ноќта во четвртокот пренесе дека во атентатот во центарот на Барселона биле убиени и повредени државјани од 24 земји.

Според првичните информации на кои се повикува агенцијата, меѓу настраданите има државјани на Франција, Германија, Шпанија, Холандија, Аргентина, Венецуела, Белгија, Австралија, Тајван, Хонг Конг, Унгарија, Перу, Северна Ирска, Грција, Куба, Македонија, Кина, Италија, Романија и Алжир.

Претставник од македонската Aмбасада во текот на ноќта се упатил кон болницата каде што се наоѓа повредениот македонски државјанин.

МНР синоќа во соопштение упати на телефоните 00 34 620 126 308 – број на претставник на македонска амбасада во Шпанија и 00 34 932 142 124 – број од шпанските институции за информации за засегнати роднини/ пријатели.