Македонија

Стотина македонски камиони се заглавени на хрватско-српската граница

Стотина македонски камиони се заглавени на хрватско-српската граница

Поради блокадите на граничните премини меѓу Хрватска и Србија што меѓусебно ги воведоа Загреб и Белград, стотина македонски камиони се заглавени на хрватско-српската граница.

Од транспортната асоцијација „Макамтранс“ за МИА инфромираат дека нивните последни сознанија се дека од Хрватска во Србија се пропуштаат дел од камионите кои не носат стока која е поврзана со Хрватска, а другите се упатуваат на паркинг плацеви.

Стотина македонски камиони се заглавени на хрватско-српската граница
Стотина македонски камиони се заглавени на хрватско-српската граница

Бидејќи не функционира ниту еден градничен премин за влез од Србија во Хрватска, од „Макамтранс“ упатуваат апел до камионџиите да ги користат алтернативите преку  Босна и Херцеговина и преку Унгарија.

Бројот на камиони се менува постојано. Блокадите на српско-хрватските гранични премини траат веќе пет дена.

Стопанската комора побара разрешување на проблемот со камионџиите

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески упати ургентни писма до своите колеги од Србија и Хрватска, Марко Чадеж и Лука Буриловиќ, преку кои бара, тие, во рамки на своите надлежности, максимално да се заложат за што поскоро разрешување на проблемот со камионџиите.

Азески во писмата укажува на сериозноста на состојбата и предупредува дека ако не бидат преземени најитни чекори, можно е да дојде до поголеми последици за нашите национални економии.

Моменталната состојба на границите е незамислива за современите држави. Поради тоа, Стопанската комора на Македонија јасно стои на ставот дека  какви и да било ембарга и блокади кои немаат своја реална оправданост и потреба, требало веќе одамна да бидат надминати како застарени, примитивни и несоодветни мерки и начини за дејствување, наведува Азески.

Воедно укажува дека е голем бројот на македонски компании кои поради ваквата состојба ќе претрпат значителни штети, бидејќи во моментов дневните испораки на стоки кон Република Хрватска, Република Словенија и другите земји од Западна Европа се драстично намалени, доцнат, а се јавува и недостаток на транспортни возила кои треба да превезуваат нова стока, затоа што огромен број од нив се веќе заглавени на некој од граничните премини.