Македонски компании со привилегирани услови на најголемиот кинески саем

Македонски компании ќе можат под привилегирани услови да учествуваат на најголемиот кинески саем за широка потрошувачка „Кантон 2014“, што произлегува од Меморандумот за соработка на Стопанската комора на Македонија со Кинескиот центар за надворешна трговија, кој што денеска беше договорен

„Сакаме да видиме што повеќе македонски компании на Саемот преку кој ќе се промовираат во Кина и низ целиот свет. Македонија има што да покаже и понуди. Позната е по своите земјоделски производи, особено по виното кое е многу популарно“, рече директорот на Кинескиот центар за надворешна трговија Ванг Жипинг пред потпишувањето на Меморандумот и презентацијата на „Кантон 2014“ во Комората.

Тој нагласи дека на Саемот секоја година има посетители од земјата, но целта е да се зголеми нивниот број.

Саемот што традиционално се одржува од 1957 година во Гуангжу, има 1,1 милион метри квадратни изложбен простор и над 55.000 штандови. Брои учесници од 210 земји во светот, а промовира преку 150.000 различни производи, традиционални, лесна индустрија, текстил, висока технологија,…

Кина е седми трговски партнер на Македонија. Досега, наши компании воопшто не учествувале на „Кантон 2014“ кој се одржува двапати годишно.

Со оглед на обемот и големината, „Кантон 2014“ ќе се одржува во неколку фази. На двата павилјона, националниот и меѓународниот, може да се најдат секакви производи, од областа на електрониката, електрични апарати за домаќинство, хардвер, алатки, машини, возила, резервни делови, градежни материјали, опрема за осветлување, хемиски производи, облека, обувки, медицински помагала.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.