Македонски лекари ќе специјализираат на германската клиника Хајдекреис

Министерот за здравство, Никола Тодоров, во рамки на работната посета на Германија, денеска оствари средба со проф. Томас Витингер, шеф на одделот за интерна медицина на клиниката Хајдекреис, на која беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и оваа реномирана германска клиника.

Потпишаниот меморандум опфаќа соработка во голем број медицински области, како што се: интерна медицина, кардиологија и кардиохирургија, гинекологија, анестезиологија и други.

Почнувајќи од наредниот месец, првата група на доктори и медицински сестри од сите медицински области ќе заминат на едукација во овој врвен медицински центар, а на годишно ниво планирано е вкупно 50 доктори и медицински сестри да бидат испратени на едукација.

Воедно, на средбата се разгледани и можностите повеќе германски доктори и професори да вршат едукација на медицинските тимови од Клиничка болница-Тетово и ГОБ „8 Септември“ во областа на интервентната кардиологија, со што дополнително ќе придонесат кон унапредување на функционирањето на мрежата на интервентна кардиологија во Република Македонија.

Германската клиника Хајдекреис со болниците во Солтау и Валсроде, претставува реномирана здравствена установа која пружа здравствени услуги за населението од голем број населени места во овој регион од Германија, вклучувајќи околу 18.000 болнички пациенти и преку 45.000 амбулантски лекувања на годишно ниво.