Македонски манифест: Договорот за добрососедство со Бугарија мора да биде врз реципрочни односи

Tекстот на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е само прашање на час кога ќе биде потпишан, а идентични се тврдењата на претставниците на владите во двете држави дека основа на договорот била Декларацијата за пријателство и соработка меѓу Бугарија и Македонија од 1999 година, соопшти Македонскиот манифест, потсетувајќи дека, како што нагласува, декларацијата потпишана од владата на Љубчо Георгиевски била погубна за Македонија.

Според Манифестот, декларацијата била штетна затоа што со неа македонската влада се откажала од поддршка на македонското национално малцинство во Бугарија, го поништила македонскиот јазик и го свела на „службен јазик“, што, велат, е дел од антимакедонската стратегија на Бугарија, која не го признава постоењето на македонскиот јазик и на македонската нација.

„Македонски манифест и досега, јавно ја потенцираше потребата од потпишување договор за добрососедство со Република Бугарија, но тој мора да биде врз реципрочни односи, а не врз асиметрични обврски на штета на македонската држава и македонскиот народ.
Ако намерите на соседна Бугарија се искрени и пријателски, актот за добрососедство не смее да ги остави „замрзнати“ ниту македонското национално малцинство во таа земја, на што во повеќе наврати укажуваа декларации на ЕУ, ниту посебноста на македонската нација, јазикот, културата. Во спротивно, доколку се потпише договор врз основата на Деклрацијата од 1999 г., тој нема да биде израз на искреност и на добра волја од двете држави и не може да се очекува унапредување на добрососедските односи.
Македонски манифест сака да верува дека тие прашања се поинаку регулирани во текстот на договорот и дека поранешната асиметрија е заменета со реципроцитет во односите“, се наведува во соопштението.