„Македонски манифест“: Државата го препушта на заборав делото на Сандански

Граѓанското движење „Македонски манифест“ реагира на неажурноста на државните институции околу зачувувувањето и пренесувањето на споменот на делото на Јане Сандански на младите генерации.

Коските на Сандански останаа кај Роженскиот манастир во Република Бугарија, но тоа не значи дека државните институции треба да го препуштат на заборавот неговото револуционерно дело, се вели во соопштението.

„На 22 април пред еден век беше убиен Јане Сандански – Пиринскиот цар. Сандански и Делчев се два столба на револуционерната борба за создавање независна македонска држава и за зачувување на македонскиот идентитет. Вистински визионери за македонската иднина. Затоа и двајцата беа убиени со обединети дејствија на надворешните и на внатрешните непријатели на Македонија.

Во својот недолг живот Јане Сандански остана доследен на своите идеи и принципи и не попушти пред никакви притисоци. Ниту пред, ниту во времето на Илинденското востание, ниту во периодот на Младотурската револуција, ниту во Балканските војни, кои ја распарчија Македонија. Космополит и патриот од највисок ранг, тој се раководеше од принципот „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, слободниот за совршенство“. Тој имаше храброст директно да се спротивстави и на најголемите македонски непријатели. На великиот везир Хилми паша му предвиде распаѓање на Османлиската империја, се изјасни против бугарската окупација на Македонија, го организираше елиминирањето на бугарскиот цар Фердинанд и се залагаше за менување на државниот систем и политиката на Бугарија. Сандански немаше шанса да биде македонски државник, но имаше волја, идеи и цврст став на државник. По шест месеци мачни преговори со американската делегација во Цариград и со американската влада, Сандански успеа да добие 63.800 долари (денешни околу 2,1 милиони долари) за киднапираната американска мисионерка мис Стон, кои беа искористени за купување оружје. Во 1909 г. Сандански со 1.200 негови четници влезе во османлиската престолнина и учествуваше во симнувањето од престолот на султанот Абдул Хамид.

Како голем визионер, Сандански се бореше за вистински слободна Македонија, во која македонскиот народ, а не странци, ќе одлучуваат за нејзината судбина, без мешање „од која и да е држава“. Во таа борба Пиринскиот цар беше страв и трепет за сите македонски непријатели, затоа што имаше едноставен однос кон нив. Како македонски револуционер тој не користеше обезбедување, независно од шестте атентати организирани против него. Беше убиен од заседа, од зад грб, со 11 рани на телото, но никој од терористичката банда која го опкружи, немаше храброст да му се доближи.

Јане Сандански е пример за тоа како се сака Македонија – не со голи зборови, не со ветувања, не на трибини, туку со дејствување и со лична саможртва. Зборуваше малку, но секој збор сечел како нож и биел како куршум. Денес на Македонија, повеќе од кога и да е, ѝ се потребни такви луѓе“, се вели во реакцијата на Македонски манифест, во која се потсетува на делото на Сандански.