Македонски манифест: Ховит ги прави Македонците – хобити!

Британскиот европратеник Ричард Ховит, донеодамнешен известрувач во ЕП за Република Македонија, им се придружи на 150-те грчки и бугарски негаторски амандмани во Предлог-резолуцијата за Македонија. Неговиот амандман бр. 34 предлага да не се употребува терминот „Република Македонија“, но милостиво препорача употреба на придавката „македонски“, која тој самиот порано ја избриша во извештајот за 2013 година, реагираат од граѓанската иницијатива Македонски манифест.

Во писмото упатено до јавноста од Македонски манифест велат дека не се изненадени од менталната, етичка и морална атрофија на европратеникот кој, во отсуство на елементарна логика, тврди дека „македонски“ може да се употребува без „Македонија“ и „Македонци“.

„Не сме изненадени од тоа што Ховит не знае дека придавката секогаш произлегува од именка, што говори за неговата елементарна граматичка неписменост. Но, кај него не се работи само за отсуство на логичко расудување. Тој се раководи од голото политиканство во кое преовладува антиморалност и антихуманизам. На тој начин Ховит сака Македонците да ги претвори во хобити, оние мали Толкинови човечиња кои живеат под земјата“ , се вели во писмото.

Од граѓанската иницијатива велат дека тоа што го прави Ховит, кој за жал не е осамен, е една од мрачните точки на ЕУ, која на примерот на Македонија ги погазува сопствените демократски принципи.

„Неодамнешната одлука на Европската комисија за борба против расизмот (ЕКРИ) најбрутално го избриша македонското малцинство во Грција, неговиот идентитет, јазик и постоење. Со тоа ги анулира и неколкуте резолуции со кои ЕУ бара Атина да им ги признае правата и слободите на македонското и на другите малцинства во таа земја, исто како што го премолчува Извештајот на г-ѓа Мек Дугал од ООН“, велат од иницијативата.

Од Македонски манифест нагласуваат дека фундаменталните човекови права не може да важат само за богатите и моќните нации, а најбрутално да се газат кога се во прашање малите и сиромашни народи.

„Случајот со „Шарли ебдо“ неодамна ја натера Европа гласно да извика дека ќе ги брани темелните човекови права, меѓу кои едно од најважните е правото на слободен израз. Зарем едно од тие права не е правото со кое еден народ се нарекува така како што се нарекувал отсекогаш“, велат од Македонски манифест.