Македонски манифест и СМК организираат мирен протест за време на посетата на Коѕиас

Македонски Манифест и Светскиот Македонски Конгрес организираат мирен протест во врска со посетата на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас

Во четврокот на 31 август во Македонија престојува министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас. Домаќин е неговиот колега, министерот за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.

За време на посетата, министерот Никос Коѕиас ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, министерот за евро-интеграции Бујар Османи, а во Собранието ќе се сретне со претседателот Талат Џафери и шефовите на пратеничките групи.

Министерот Никос Коѕиас ќе биде примен и од претседателот на Републиката, Ѓорге Иванов.

„Мирниот протест ќе се одржи пред Министерството за надворешни работи на Македонија, во 10.00 часот, а собирно место е фонтаната пред црквата “Пресвета Богородица“ на кејот на Вардар меѓу МНР и МАНУ. Организаторите имаат подготвено транспаренти. Поканети се сите добронамерници. Македонски Манифест и Светскиот Македонски Конгрес вчера испратија отворено обраќање до Владата и парламентарната опозиција за семакедонската црвена линија за името: СМЕ БИЛЕ, СМЕ И ЌЕ БИДЕМЕ МАКЕДОНЦИ И МАКЕДОНИЈА! Името на државата е идентитетот на нацијата! Македонски Манифест и Светскиот Македонски Конгрес бараат безусловен крај на разговорите за државното име Македонија и безусловно и итно продолжување на членството во Обединетите Нации под државното име Македонија’, стои во соопштението од организаторите на протестот.