„Македонски манифест“: Македонија е соочена со политички терор чија крајна цел е суспендирање на државата

Граѓанската иницијатива „Македонски манифест“, преку соопштение се огласи за моменталната политичка ситуација во земјава.

Соопштението во го пренесуваме интегрално:

До народот на Република Македонија, политичките партии и американскиот амбасадор Џес Бејли

Име или смрт

Сите видови на политички и воен терор поминаа врз македонските плеќи изминативе 25 години. Оваа голгота, како и во минатото, така и сега, спонзорирана е од странски фактор, а спроведувана со помош на домашни квислинзи.

Последен во низата е политичко – терористичкиот вандализам што ни се случува изминатава година. Погазен е Уставот, разградени се институциите, се создава паралелна држава. Сето ова финишираше со прес конференција на американскиот амбасадор Џес Бејли и некој анонимен бирократ од канцеларијата на ЕУ во Скопје на која ни беше соопштено дека не сме способни да спроведеме избори. Европската Унија, како многупати досега, соочена со неспособноста да се грижи за сопствената безбедност, а камоли да игра на меѓународен план, се сокри во глувчешка дупка оставајќи се да одлучува американската булдожер – политика. Со ова практично Република Македонија е претворена во протекторат.

Странските амбасадори наредуваат и спроведуваат, а македонските политичари или ликуваат зашто мислат дека ќе им биде подарена власт или молчат и глумат конструктивност. Крајна цел е целосно укинување на македонскиот идентитет. А ни беше најавено. Само пред неколку дена психички неурамнотежениот белгиски филозоф Питер Ванхауте кој е тука дојден како олеснувач на Брисел во преговорите меѓу македонските партии, на социјалните мрежи ни соопшти дека кон македонскиот народ е вперен пиштол на западноевропската и американската колонизаторска политика со закана дека оружјето ќе пукне ако македонските граѓани излезат на избори на ден што не е определен од САД и ЕУ.

И покрај фактот што Брисел се огради од налудничавата опсесија со мачки на Ванхауте, на јавноста брзо и се разјасни дека најавата на олеснувачот спремен за психијатриски надзор, многу брзо стана и наша реалност. Во неделата вечер, пиштолот на Ванхауте пукна од раката на Џес Бејли. Независноста и суверенитетот се укинати. Република Македонија е соочена со политички терор чија крајна цел е суспендирање на државата и укинување на македонскиот идентитет.

Македонските политичари, сакале да го признаат тоа или не, станаа соучесници во агонијата што ја живееме. Македонски Манифест потсетува дека, заради иднината, минатото не смее да се заборави. Тоа им го должимена оние што ги положија животите за оваа земја. Она за што тие се жртвуваа, ние мора да го сочуваме. Да останеме будни и подготвени за секаков вид отпор.

Македонски Манифест цени дека со потегот на САД и ЕУ се проектира граѓанска војна во Македонија.

Македонски Манифест го повикува македонскиот народ да пружи решителен отпор на оваа меѓународна и домашна квислиншка деструкција со мирис на фашизам над македонското национално битие. Да му кажеме „не“ на Бејли, кој е очигледно непријателски настроен кон Македонците.

Најпосле, Македонски Манифест повикува и владејачката партија ВМРО ДПМНЕ да покаже карактер и неодложно да ги спроведе изборите на 24 април, според предавничиот договор кој, според сите знаци, е велепредавнички, како што се велепредавници и сите негови актери.

Амбасадоре Бејли, Македонски Манифест знае дека за Македонците ова е гранична ситуација во која единствениот нивни избор, кон кој го терате, е ,,Име или смрт’’.