„Македонски манифест“ му пиша на Алексис Ципрас

Почитуван премиере на Република Грција, Алексис Ципрас, Македонски манифест, Ви ја честитаме победата! Ова е историски важен момент за грчкиот народ, како и за турското, македонското, влашкото, албанското малцинство во Вашата татковина, затоа што носи надеж среде најстрашната економска криза со која сте погодени, се вели во писмото што граѓанската иницијатива Македонски манифест му го испрати на новот премиер на Грција.

„Ви пишуваме од Република Македонија која што Република Грција не сака да признае дека постои. И не само македонската држава. Грчката политика не сака да признае постоење на македонска нација, јазик и култура и бара од нас да се откажеме пред себе и пред светот од нашиот македонски идентитет. А тоа, господине премиере, ниту е хумано, ниту е цивилизациски. Македонците постојат. И во Република Македонија, и во Република Грција, и во Република Бугарија, и во Република Албанија. Вие и самиот по мајка потекнувате од делот на Македонија, кој после балканските војни ѝ беше доделен на Грција од страна на меѓународните сили во Букурешт. Но, Вие идентитетски се чувствувате како Грк и ниту еден цивилизиран Македонец не би се осмелил да ви го одземе тоа право, како што ниту еден цивилизиран човек не смее од нас да бара да се откажеме од тоа што сме биле отсекогаш – Македонци. Убедени сме дека ја познавате и грчката и македонската историја, дека ви се јасни етничките разлики меѓу нашите два народа. Уште во антиката имало добри и лоши односи меѓу Хелените и Македонците. За тоа сведочат токму хеленските антички историчари. Можеби сте ги прочитале извештаите на Карнегиевата комисија за извршениот геноцид врз Македонците од страна на грчките андарти. Ако не сте, Ве охрабруваме да ги прочитате. Во поблиската историја грчките монархофашисти извршија ист таков геноцид врз македонските партизани, кои рамо до рамо се бореа со грчкиот народ на страната на ДАГ против фашистичката окупација. Токму македонските партизани беа во првите борбени редови и дадоа најголем број жртви. Ние Македонците векови наназад негуваме космополитизам. Затоа и не сакаме кога некој врз нас практикува насилие. Вашиот нов пристап во политиката, што се базира врз принципите на хуманост за обесправените и еднакви права за сите, ни дава надеж дека ќе имате доблест и храброст да признаете дека ние Македонците сме засебен народ кој има право на своја македонска држава што ја именува како Република Македонија. Затоа почитуван господине Ципрас, Вие сте сега тој кој има можност да ја прекине досегашната грчка политика спрема Република Македонија, но и спрема македонското малцинство во Вашата татковина. Сте се запрашале ли дали е нормално една модерна европска држава, како Република Грција, да не дозволува чувство на идентитетска засебност, па уште да му забранува на поединецот да си го крштева роденото дете како што сака? А токму тоа им се случува на Македонците во Република Грција. Да не бевме Македонци, ќе попуштевме под притисокот на центрите на моќ кои од нас бараат да се откажеме од македонското име и идентитет. Само заради досегашната политика на грчките политичари како Самарас, Караманлис, Венизелос, Мицотакис и Папандреу кои во заложништво го држеа и грчкиот и македонскиот народ. Господине Ципрас, вистина е дека од Вас бараме револуционерна храброст и борба за правдина, затоа што силно веруваме дека ќе се издигнете над досегашната грчка политика спрема нас и ќе покажете дека ги почитувате универзалните човечки вредности!“, пишува во писмото на Македонски манифест.