Македонски манифест со порака до албанските политичари и интелектуалци

Македонски манифест, по повод протестите против пресудите за „Монструм“, ги повикува политичарите и интелектуалците од албанско етничко потекло да не ги поттикнуваат своите сонародници на сепаратизам и омраза спрема македонскиот народ. Наместо закани, заедно со сите други граѓани, сите прашања мораме да ги решаваме низ институциите на системот, кои нормално функционираат во земјата.

Соопштението ви го пренесуваме интегрално

„Македонците и Албанците, покрај малубројните непријатни историски мигови, ги поврзуваат долги години на сплотеност, кога луѓето живееле со доверба и ја споделувале и среќата и болката. И сега треба да се потпираме на тие принципи, без да се поведуваме по аспирациите на екстремистите.

Во 1999 година земјата прими повеќе од 350.000 бегалци од Косово, релативно повеќе и од самата Албанија. Познатиот американски актер Ричард Гир, при тогашната посета на Косово, порача дека за тој широкоград, братски потег, Албанците вечно треба да ѝ бидат благодарни на Македонија.

За жал, косовските Албанци возвратија со крвавата 2001 г. и со ОНА, спонзорирана од Американците.

Под притисок, македонските политичари го потпишаа контроверзниот Охридски договор, со кој целосно беше рекомпонирана земјата, за да продолжи соживотот.

За таа цел беше спроведена и широката амнестија во која, надвор од меѓународните конвенции, беа амнестирани и припадници на ОНА, кои извршија злосторства против човештвото.

Сега се покажува дека политичарите и интелектуалците Албанци не само што ги забораваат тие факти, туку преминуваат и преку ѕверското убиство на петтемина невини граѓани кај Смилковското езеро, само затоа што за тој монструозен настан, во незавршен судски процес, се обвинети етнички Албанци.

Правото на протести е уставно загарантирано, но вандализмот и тероризмот се казниви дела за сите граѓани на Македонија. Наместо осуда, дел од политичарите и интелектуалците Албанци или поттикнуваа нереди, изразувајќи соменавање со судскиот процес, или одобрувачки го одмолчуваа вандализмот.

Некои дури застанаа во првите редови на протестите во Скопје, демонстрирајќи го на тој начин уличното пред уставното право. Погубни се пораките кои, под превезот на борци за права, всушност, жртвуваат многу повисоки заеднички цели. Премочувањето на злото е соучесништво во него.

Стана пракса протестите да се организираат по молитвата на верниците во Јаја-паша џамијата, што е спротивно на Алах, на Мухамед и на исламот, кои проповедаат љубов, ненасилство и  братство меѓу луѓето и народите.

Македонски манифест им порачува на политичарите и на интелектуалците Албанци, заедно со сите граѓани во Македонија, да градат општество во кое правата и обврските ќе важат подеднакво за сите. Само така животот на сите граѓани на Република Македонија може да ни биде поубав, помирен и подостоинствен. Само од нас, од нашата работа, добра волја, љубов и почитување, зависи нашиот живот и иднината на нашите деца“, стои во соопштението.