Економија

Македонски Телеком на водечка позиција во фиксната телефонија

Македонски Телеком на водечка позиција во фиксната телефонија

Македонски Телеком и во периодот од јануари до септември се задржа на водечката позиација на пазарот во фиксни говорни услуги, покажуваат неревидираните финансиски извештаи.

Приходите од продажба во деветте месеци од 2017 година изнесуваат 7.657 милиони денари, што претставува намалување за 2,2 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Нето добивката во овој период е зголемена за 62,4 отсто во споредба со истиот период од претходната година, што резултира во нето добивка од 1.159 милиони денари.

Македонски Телеком има 59,2 отсто пазарно учество во сегментот на фиксна телефонија и удел од 46,1 отсто во делот на широкопојасниот интернет, согласно интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 10,5 отсто споредено со истиот период од 2016 година, со бројката од 211 илјади корисници Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Приходите од малопродажен интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV  во ово јпериод се зголемени за 2,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Базата на DSL корисници бележи благо намалување од 0,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 189,5 илјади претплатници на широкопојасен интернет.

Македонски Телеком за девет месеци оствари добри резултати со дигиталната телевизија, односно IPTV услугата. Бројот на корисници постојано се зголемува, што резултира со база од 114,2 илјади корисници на IPTV на крајот од првите девет месеци или зголемување од 7 отсто во споредба со истиот период од 2016 година, со што Македонски Телеком има 27,3 отсто удел од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел од 49,3 отсто, според интерните податоци. Приходите од говорни мобилни услуги во периодот јануари септември се намалени за 4,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година, главно како резултат на намалените цени на националниот дојдовен мобилен сообраќај во терминација, комбинирано со зголемениот обем на сообраќај, како и на намалениот обем на меѓународен дојдовен сообраќај во терминација, компензирано со зголемувањето на приходите од пост-пејд. Приходите од неговорни услуги пак, се зголемија за 23,5 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен интернет и поголем податочен сообраќај, како и од зголеменото користење на податочни тарифни модели.