Македонски Телеком ја задржа водечката позиција во фиксниот и мобилниот сегмент

Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција во фиксниот и мобилниот сегмент во првите девет месеци од 2015 година, покажуваат неревидираните финансиски резултати согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

Како што информираат од Македонски Телеком, приходите од продажба во првите девет месеци од 2015 година изнесуваат 7.853 милиони денари, што претставува намалување од 4,3 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.

Добивката од редовното работење пред оданочување на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 1.106 милиони денари и е намалена за 20,6 отсто споредено со истиот период од минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите во мала мера компензирани од помалите трошоци. Вкупната нето добивка на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 965 милиони денари и е зголемена за 99 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Капиталните инвестиции се во висина од  974 милиони денари.

Македонски Телеком на крајот од првите девет месеци од 2015 ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 отсто. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 15 отсто споредено со истиот период од  2014 година, со бројката од 227 илјади корисници Македонски Телеком е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Базата на DSL корисници на крајот од првите девет месеци од 2015 година остана стабилна во споредба со истиот период од 2014 година и изнесува 189,5 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 49,3 отсто, според интерните податоци.

Приходите од малопродажен интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV на крајот од првите девет месеци од 2015 година се зголемени за 3,1 отсто во споредба со истиот период од претходната година.

Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното тв искуство, Македонски Телеком во првите девет месеци од 2015 година оствари исклучителни резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTV услугата. На крајот од првите девет месеци, бројот MaxTV корисници изнесува 100,4 илјади, што претставува зголемување од 4,1 отсто во споредба со истиот период од 2014 година. Со тоа, Македонски Телеком има најголем удел на ТВ пазарот достигнувајќи 23,6 осто од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

Во мобилниот сегмент, Македонски Телеком има водечка позиција  на пазарот со удел од 47,2 отстo согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од првите девет месеци од 2015 година изнесува 1.235 илјади претплатници и е зголемена за 2 отсто во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 1.210 илјади претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите девет месеци од 2015 година се намалени за 11,8 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи, при што сè повеќе минути се опфаќаат во пакетите за иста цена. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и зголемената конкуренција, просечниот приход по корисник е намален за 8,5 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.

Приходите од неговорни услуги се зголемија за 8,1 отсто во споредба со истиот период од 2014 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од првите девет месеци од 2015 година, приходите од системска интеграција и ИТ се зголемени за 314 отсто во споредба со истиот период од претходната година,  поради зголемените приходи од ИКТ проекти, Cloud Computing услугите и други интегрирани решенија за бизнис корисници. Во најголем дел, зголемените приходи произлегуваат од проектот со јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП Скопје“ за воведување на електронска наплата на автобуските билети.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.