Македонски уметници ќе изложуваат во Пловдив

Тринаесет уметници од Македонија кои се дел од ликовниот проект на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, наречен “Конекција 2” утре во 18 часот ќе изложуваат во “Балабановата Куќа” во Пловдив, Бугарија.
На изложбата уметниците кои во моментов студираат или работат во Софија, ќе се претстават со преку 50 дела, работени во различни ликовни техники. Поставката, премиерно претставена неодамна на Фестивал на Франкофонијата во Созопол, ја сочинуваат дела, во голем дел со француска тематика.
Изложбата ќе биде отворена на денот на Националниот празник на Франција, во Пловдив-Европска престолнина културата за 2019 година, од директорот на македонскиот културен центар во Софија Васко Шутаров, директорот на Општинскиот институт “Стар Пловдив” Минко Кафтански и директорот на Општинската фондација “Пловдив 2019” Валери Ќорленски.

Ова е второ претставување на македонската ликовна уметност и култура во еден од најрепрезентативните и најпознати музејско-галериски простори во Бугарија, Балабановата Куќа, која во 2019 година кога Пловдив и официјално станува Европска престолнина на културата, ќе биде средиште на сите поважни европски културни претставувања.