Македонски железници со огромни загуби поради блокадата на мигрантите кај Идомени

Над милион и петстотини илјади евра се досегашните загуби на Македонски железници Транспорт ад Скопје од блокадата од мигрантите на границата со Грција кај граничниот премин Идомени во изминатите 50 дена, информира денеска директорот Никола Костов, пренесува МИА.

Во земја членка на ЕУ,  посочува Костов, за жал има прекин на железничкиот патнички и товарен сообраќај веќе пеесетина дена.

Со оглед дека веќе ги имавме склучено договорите за 2016 година со странските и со домашните компании МЖ Транспорт е најголемиот губитник  од блокадата на железницата на грчка страна, потенцира Костов.

Во најпродуктиниот период од годината за работа, како што рече Костов, обемот на превоз е сведен на 20 до 30 проценти од планираните  80 проценти за изминатите пет месеци.

Товарниот превоз е намален за 80 проценти споредено со ланскиот период и очекуваните и договорени превози за годинава. Сега Македонски железници со 3.000 вработени работи со 20 проценти од капацитетите. Ова е трагедија и хаос за МЖ. Апелирам до ЕУ до грчката страна да излезат во пресрет на Македонска железница, македонското стопанство и севкупно за односите и за слободен проток на патници и стока ова што побргу да се реши, изјави Костов.

Регистрираните штети од 1,5 милиони евра, укажа Костов, се уште поголеми ако го земеме предвид фактот дека преку МЖ вози целокупното македонско стопанство.

Најдиректно се погодени големите индустриски капацитети, како Железара, ИГМ, Митал, Макстил, ФЗЦ  „11 Октомври“, Цементарница, Макпетрол, ОКТА и други помали компании. Треба да се има предвид дека преку Македонски железници на Коридорот 10 возат  и други странски железнички оператори корисници на превозот така што штетите можат да бидат уште поголеми. Ова е катастрофа за Македонски железници, изјави Костов.

Тој рече дека веќе ги известиле сите надлежни институции во Европа, но оти само добивме писмено известување дека сочувствуваат со состојбата во која се наоѓа МЖ.

Директорот на МЖ Транспорт рече дека се секојдневно во контакт со  Грачката железница, но оти нема конкретни најави и предвидување дека блокадата ќе биде завршена во одредено време.

За разлика од нас што сме најпогодени  и го имаме само Коридор 10, грчаката страна не е толку заинтересирана, бидејќи очигледно е  дека е и економска и политичка блокадата од нивна страна, затоа што го имаат и Коридор 4. Од друга страна, Грчката железница има поддршка од страна на ЕУ, а може да замислеите со што ќе се соочи Македонски железници во периодот пред нас, изјави Костов.

Одговарајќи на новинарски прашања рече дека е намалено и речиси го нема вандализирањето на новите возови што беа пуштени во сообраќај неодамна.