Македонскиот амбасадор Ангелов се сретна со шефот на грчката дипломатија Коѕиас

Новиот македонски амбасадор во Грција, Дарко Ангелов, денеска оствари средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.

Како што јавува дописикот на Нетпрес од Атина, протоколарната средба за запознавање минала во пријателска атмосфера. Од македонска страна беа реафирмирани претходно предложените инцијативи за соработка во повеќе области, независно од прашањето за името, за кое што постои посебен формат на разгледување, на што грчката страна позитивно одговорила.

Амбасадорот Ангелов ја потенцирал и неопходноста од зголемена комуникација на сите нивоа, која што во изминатиов период беше уназадена, со што македонската страна покажува подготвеност за поголема соработка.

Пред неколку дена беше остварен и првиот контакт меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и грчкиот колега Алексис Ципрас. Во телефонскиот разговор кој што беше инициран од македонска страна, премиерот Груевски му ја честита победата на Ципрас истакнувајќи дека двете земји треба да вложат напори за унапредување на добрососедските односи и решавање на отворените прашања.

фото:lastnews.gr