Македонскиот „крал на местенките“ и негов сограѓанин дел од фудбалската мафија

Христијан Илиевски вчера пред судот во Кремона даваше исказ во врска со обвинувањата за меѓународен криминал и соучесништво во измама на спортски натпревар. По сведочењето, тој на италијанските медиуми им порача дека се вратил во Италија за да сведочи а не за да оди во затвор. Македонецот е еден од осомничените во мега-скандалот за наместени натпревари во италијанскиот фудбал.

Во фервруари годинава, обвинителот Роберто ди Мартино  го предаде на судот во Kремона обвинението против 131 лице замешани во местењето на повеќе натпревари во италијанските фудбалски лиги. Меѓу обвинетите се познатите фудбалери Kристијано Дони, Луиџи Сартор, Алесандро Замперини, Џузепе Бебе Сињори и други.

Според досегашните информации, поранешниот полицаец, Илиевски, цели четири години се криел во Скопје по што, во договор со својот адвокат, пред два дена се врати во Италија и доброволно им се предаде на италијанските власти.

Како што пишуваат италијаските медиуми, Илиевски имал блиски контакти со многу фудбалери од „калчото“ и постојано патувал во Италија.  Тој бил лидерот на таканаречената „Циганска група“, каде десна рака му бил поранешниот словенечки фудбалер Амир Гегиќ, а во која биле и скопјанецот Трајковски и други лица од Хрватска и Србија, кои се обложувале на натпреварите. Системот на „местење“  бил многу едноставен. Требало да се поткупат неколку играчи кои требало да придонесат да се оствари прецизен резултат. Групата измамници потоа се обложувала на договорениот резултат, што најчесто им носело заработка помеѓу 500.000 и 1,5 милион евра.

За обвинувањата, Илиевски претходно го обвини поранешниот италијански репрезентативец од Лацио, Сињори, кој му се јавувал и му кажувал кои резултати се договорени, а тој само се обложувал. Италијанското обвинителство во изминативе години објави снимки од сниманите телефонски разговори меѓу Илиевски со Замперини и други фудбалери.

Покрај Илиевски, во скандалот е вмешан и Скопјанецот Раде Трајковски кој во 2011 година беше уапсен во Атина а потоа екстрадиран во Италија. Тој е меѓу обвинетите за учество во измама на спортски натпревари.