Македонскиот туристички потенцијал претставен во Париз

На Саемот за туризам IFTM – Top Resa, што се одржува во Париз за прв пат се презентираат главните туристички дестинации што ги нуди Македонија.

На саемот, што почна од 29 септември и ќе трае до утре, македонските туристички места се претставени на модерен штанд на кој се нудат и брошури на француски јазик, а посетителите имаат можност да ги дегустираат и македонските вина и сирења, пренесува МИА.

Промоцијата ја организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, чиј директор Кристијан Џамбазовски оствари бројни средби со француски тур оператори. Тој се сретна и со претставници на ТУИ Франција, кои се заинтересирани да ја понудат Македонија како нова туристичка дестинација во нивните продажни мрежи.

На францускиот пазар од 2013 година почна промоцијата на Македонија како нова и атрактивна туристичка дестинација. Во последните неколку години Македонија беше посетена од француски новинари кои објавија голем број репортажи во Le Quotidien du tourisme, Travel magazine, L’echo Touristique, Metro News, Voyager pratique, Le Generaliste, La Voix du Nord, Infotravel, Hors Circuit, Radio France International, Pleine Vie, Flair, Le Soir, Telegrama TV Magazine.

Беше организирано и информативно патување за неколку тур оператори од Франција кои веќе ја нудат Македонија како туристичка дестинација.

Саемот во Франција е основан во 1978 година најпрво во Довил, а од 2008 година се организира во Париз. Секоја година на него учествуваат 29.480 туристички професионалци, 1.200 туристички брендови, 348 штандови, 160 светски дестинации, 1000 претставници на медиумите и новинари и 17 министерства за туризам.