Македонскиот заедници од светот се организираат за протести

Македонските заедници во светот повикуваат на Семакедонски протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата.

Централниот протесен собир ќе се одржи на 27-ми февруари со почеток во 18 часот пред Мисијата на Европската унија оттаму протестниот марш ќе се движи по булевар „Свети Климент Охридски“ и булевар „Димитрие Чуповски“ до Собранието на Република Македонија.

И македонската заедница во Австралија најави дека ќе излезе на протести во Мелбурн на 4-ти март со цел да изрази револт за можна промена на уставното име на Република Македонија, мотото на нивниот протест е „Ние сме Македонци во одбрана на Македонија“.

Протестниот марш ќе започне во 13,30 часот и ќе заврши пред Парламентот на сојузната држава Викторија. Организаторите на маршот апелираат до сите Македонци со своите семејства, роднини и пријатели да го посветат овој ден за спас на името на Македонија, македонскиот јазик, идентитет, црква, култура и традиции.

„Сите сме запознати дека над Македонија се надвиснати најцрните облаци, најтешките денови и најголемата неизвесност да се задржи вековното име на Македонија како и идентитетот на македонскиот народ. Заради забрзаните национални разнебитувања Македонија го повикува секое македонско чедо на 4 март да застане простум во одбрана на името на Македонија и нејзината биднина“, велат организаторите на протестот во Мелбурн.

На претходните протести организирани пак, од грчката дијаспора дојде и до инциденти со Македонци кои беа нападнати.

Македонците во светот бараат:

(1) Безусловен крај на разговорите за името Македонија со Владата во Атина и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под државното име Македонија;

(2) Повлекување на Законот за употреба на јазиците;

(3) Повлекување на Договорот Заев-Борисов;

(4) Итно ослободување на притворените и осудените за настаните во Собранието на Република Македонија од 27-ми април 2017 година.

Барањата ќе бидат доставени до Претседателот, Собранието и Владата на Република Македонија, како и до странските амбасади во Македонија.

Во своето барање тие отфрлаат референдум и промена на Уставот со цел промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Порачуваа дека македонските политичари немаат право да одлучуваат дали ќе има, или нема да има референдум за името.