Македонските бизнисмени плаќаат најниски даноци во светот

Македонија е на прво место во светот со најниска даночна стапка, со вкупна даночна стапка од 7,4 отсто, се вели во најновиот извештај на Дуинг бизнис.

Министерот за финансии Зоран Ставрески кој денес го презентираше Извештајот истакна дека овие бројки покажуваат дека домашните фирми исто како и странките фирми се најмалку оптоварени во Македонија со даноци во однос на било која друга земја во светот.

За споредба во регионот Хрватска има ефективна даночна стапка од 18,8%, Црна Гора е 22,3%, Србија 38%, Словенија 32%, Бугарија 27%, Турција 40%, Грција има 49%. Ако се направи пресек, вели Ставрески, во Европа просечната даночка стапка изнесува околу 45 отсто споредено со 7,4 проценти во Македонија. Во Германија 48,8%, во Австрија 52 проценти, Холандија 39%, Франција над 60 проценти.

Во однос на индикаторот за даноци, според Извештајот на Диунг бизнис, Македонија има најдобар напредок годинава и бележи скок од 31 место, од 38-мо сега е на седмото место.

-Поволната даночна политика и реформите што се направија за зголемување на ефикасноста на даночната администрација придонесоа Македонија да биде рангирана на високо седмо место во светот и второ место во Европа, само Ирска е подобро рангирана во Македонија во однос на индикаторот на плаќање даноци, вели Ставрески.

Овој индикатор ги мери вкупната даночна стапка, бројот на даночни процедури и времето што е потребно за подготовка, пополнување и испраќање на даночните пријави.