Македонските деца најчесто патат од искривен ’рбет и дебелина

Сколиоза, кифоза и рамни стопала се најчестите деформите кај децата на возраст од шест до девет години, покажаа систематските прегледи на штипскиот фудбалски клуб „Галос“, а направени од кинезотерапевти. Мијалче Прошев тренер во  ФК „Галос“ од Штип вели дека прегледите се направени на 75 деца, а речиси половина од нив имаат деформитети на р’бетниот столб.

Беа прегледани 75 деца, од кои 30 до 35 отсто имаат сколиоза,  овие деформитети се воочени кај децата од шест до девет години, од причина што самата мускулатура не е развиена добро. Но, овде ќе кажеме дека причина е и стилот на животот, доста долги часови на училиште, намалена физичка активност, тешки ранци за училиште, седење пред компјутер, телефон, лаптот. Тоа се се проблеми што треба да ги решиме, родителите и тренерите, вели Прошев.

Анализата од прегледите, што е  направена  кај младите и талентирани фудбалери, се потврдува и преку статистиката на Институтот за јавно здравје. Во Извештајот за остварување на програмата за системски прегледи на ученици и студенти во Република Македонија за 2016 и 2017 година стои дека во учебната 2016/2017 година, согласно Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите во Република Македонија за 2017 година се прегледани  102.755.

Според прегледите  деформитетите, лошото држење на телото и лошата хранетост на телото, се  најзастапени патолошки состојби утврдени  кај учениците од основното образование.