Македонските дипломати на втор циклус обука – „Дипломатски протокол“

Во организација на Директоратот – Дипломатска академија при Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Амбасадата на Република Франција во Скопје, вчера, 14 мај 2014 година беше одржан вториот циклус обуки за „Дипломатски протокол“. Овој циклус обуки е  продолжение на обуката што се реализира согласно со потпишаниот Договор на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Француската амбасада во Скопје.

Предавач на дводневната обука беше францускиот експерт и заменик шеф на протокол Пјер Анри Гињар, дипломат од кариера и долгогодишен советник во кабинетите на повеќемина француски министри за надворешни работи и други високи функционери во Франција.

Во текот на обуката беше разговарано за протоколот како универзален код, за историјата и значењето на протоколот, неговите политички аспекти и др.

На обуката учествуваа околу 40-ина дипломати од Министерството, кои низ интерактивни вежби имаа можност да ги збогатат своите знаења од областа на дипломатскиот протокол, церемонијал, имунитетите, привилегиите и етикецијата. На крајот на дводневната обука на учесниците им се обрати амбасадорката на Република Франција во Република Македонија, Лоренс Оер, која изрази задоволство од интересот  на македонските дипломати за обуката, која треба да заврши во октомври 2014 година, согласно со потпишаниот Договор за соработка меѓу Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Амбасадата на Република Франција, како и големиот интерес на државната администрација за учење на францускиот јазик.

Директорката на дипломатската академија Аделина Марку и се заблагодари на амбасадорката на Република Франција за интересот и подготвеноста на Француската амбасада за соработка со Министрството за надворешни работи на Република Македонија.