Македонските фудбалери дебитираат на континенталниот шампионат

Од денеска до 30 јуни во Полска се одржува Европското првенство за фудбалери до 21 година, на кое првпат ќе настапи и репрезентацијата на Македонија.

Избраниците на селекторот Благоја Милевски своето деби ќе го имаат во сабота навечер, во 20.45 часот, против селекцијата на Шпанија, а во групата Б се уште и репрезентациите на Србија и Португалија против кои црвено-жолтите ќе играат редоследон на 20 јуни (од 18 часот) и 23 јуни (од 20:45 часот).

Во останатите две групи ќе играат:
А група: Англија, Полска, Словачка и Шведска.
Ц група: Чешка, Данска, Германија и Италија.

Пласман во полуфиналето ќе обезбедат победниците во трите групи и една (најдобра) второпласирана селекција.

На првиот натпреварувачки ден (денеска) ќе играат, Шведска – Англија (18 часот) и Полска – Словачка (20:45 часот).

Претходно седмицава пред отворањето на Европското првенство против Шпанија во Гдиња, селекторот на репрезентацијата на Македонија до 21 година Благоја Милевски истакна дека неговите фудбалери имаат што да покажат на собирот на дванаесетте најдобри селекции во Европа.

„Меѓу фудбалерите, како и во стручниот штаб, владее одлично расположение. Сите сме помалку возбудени во позитивна смисла што се приближува почетокот на натпреварувањето и што имаме можност да го отвориме шампионатот против исклучително квалитетен противник“, рече Милевски.

„Треба да сме задоволни од нашите фудбалери. Работеа на високо ниво и покажаа желба и мотив. Оваа генерација е способна да се покаже во најдобро светло, против најдобрите европски репрезентации. Овој тим е во состојба да одговори на предизвикот на сите три натпревари во групата, а каков ќе биде исходот на крајот – ќе видиме. Целта е да го дадеме најдоброто од себе, да се радуваме во играта и дуелите против големите противници“, додава Милевски.

Фудбалерите, исто така, велат дека на тренинзите го даваат максимумот, го чекаат првиот натпревар за да ги покажат квалитетите.

„Задоволен сум што ја покажуваат својата одговорност и дисциплина. Не чека навистина тежок натпревар и би сакал сите заедно да ја задржиме вербата во себе. Се надевам дека ќе играме на нивото од квалификациските натпревари.