Македонските компании ќе се запознаат со можностите за извоз на кинескиот пазар

Македонските компании ќе се запознаат со можностите за извоз и соработка со компаниите од Кина. Бизнис настан насловен „Можностите за Македонските компании на кинескиот пазар“, организираат Сојузот на стопански комори на Македонија заедно со Меѓународниот саем во Нингбо, Кина и Амбасадата на Република Кина во Македонија.

Како што соопшти Сојузот на стопански комори, присутните ќе имаат можност директно да се запознаат со поволностите за учество на Саемот за инвестиции и трговија на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.

Овој саем е еден од најголемите инвестициски и трговски саеми во Кина и е во организација на Меѓународниот саем во Нингбо, а подржан од Министерството за трговија на Кина и Провинцијата Жеџијанг. Оваа година саемот ќе се одржи во периодот од 9 до 12 јуни 2016 година.

На средбата ќе присуствува делегација од Кина составена од претставници од Меѓународниот саем во Нингбо, Директорот на Бирото за пазарна логистика и соработка на слободните трговски зони на Нингбо, заменик – директорот на Бирото за култура, ТВ/Радио и новинарство на Нингбо, заменик директорот на Туристичката администрација на Нингбо, претставници од Амбасадата на Кина во Македонија, како и претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, претседателите на гранските комори во рамки на ССК и претставници на компании – членови на ССК.

Во рамки на Бизнис настанот ќе учествува и компанијата „НингБо ДИЈИА ВИДА Традинг Цо.,Лтд“ која се занимава со увоз алкохол, храна и други производи од Европа. Компаниите – членови на ССК кои ќе учествуваат на настанот ќе имаат можност да остварат директна Б2Б средба со оваа компанија во согласност со својот интерес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.