Македонските кошаркари забележаа напредок од пет места

Победите во подготвителниот период ја искачија репрезентацијата на 14-то место

Македонската кошаркарска репрезентација забележа напредок од пет места на европската ранг-листа која се објавува на официјалната веб-страница на Евробаскет 2015.

Одличните настапи на “црвено-жолтите” и трите последователни победи за време на подготвителниот период им овозможија на Србиновски и репрезентативците да напреднат за пет места, односно 19-та да ја заменат со 14-та позиција.

Покрај Белгија, Македонија е втората селекција со голем скок на оваа ранг-листа. И покрај смената на селекторот на само неколку седмици пред Евробаскет, балканската репрезентација делува како тоа да нема никакво влијание, бележејќи моќни победи над Израел и Украина во изминатата седмица, се вели во кратката анализа на официјалната веб-страница на Евробаскет 2015.

Прворангирана селекција се уште е Шпанија, додека Франција се искачи на второто место пред Србија, по триумфот на “триколорите” во меѓусебниот дуел на овие две репрезентации.