Македонија

Македонските мировници го продолжуваат придонесот кон глобалниот мир и безбедност

Македонските мировници го продолжуваат придонесот кон глобалниот мир и безбедност

„Ние сме горди што Армијата на Република Македонија во Авганистан, во рамките на новата мисија „Одлучна поддршка“ испраќа одлично обучени војници, кои поставените задачи ќе ги извршат со највисок квалитет, со што даваме несомнен придонес кон светскиот мир и стабилност“, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на денешното свечено испраќање на дел од македонскиот контингент во рамките на новата мисија на НАТО алијансата во Авганистан.

Министерот Јолевски додаде дека Македонија досега има добиено највисоки оцени за нејзиното учество во меѓународните мировни мисии, а резултат на тоа е и позицијата заменик-командант на командата на градот Кабул, која во новата мисија и доделена на висок офицер од Армијата на Република Македонија. „Тој факт покажува дека сме квалитетна и високо ценета Армија, а сето тоа придонесува и кон понатамошно претставување на аргументите зошто Република Македонија треба да биде дел од НАТО“, додаде министерот Јолевски.

DSC_3820_resize

Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, во своето обраќање на мировниците им го честиташе изборот и им посака успешна мисија и добро здравје. „Не заборавајте дека ние сме тука за вас, за вашите семејства, секогаш кога има потреба“, додаде генералот Котески.

Дека припадниците на Армијата кои заминуваат на оваа задача се целосно подготвени потврди и капетанот Маријан Гугуљанов, кој посочи дека уште еднаш, како и досега, ќе се прикажат вистинските знаења и способности на припадниците на Армијата на Република Македонија.

DSC_3865_resize

Република Македонија во рамките на новата мисија ќе учествува со 38 припадници на Армијата. 20-те припадници на АРМ кои денеска беа свечено испратени ќе бидат дел од обезбедувањето на командата на мисијата, задача која и досега ја извршуваа припадници на Армијата на Република Македонија, во рамките на мисијата ИСАФ. Неодамна беа испратени и 13 штабни офицери, во чии рамки е и заменик-командантот на командата на главниот град, Кабул.