Македонските мировници ја завршија ИСАФ, продолжуваат со „Одлучна поддршка“

Во Домот на АРМ во Скопје денеска свечено беше одбележано завршувањето на 12-годишната мировна мисија ИСАФ и почетокот на мисијата „Одлучна поддршка“ на припадниците на АРМ во Авагнистан и тоа преку обука, советување и асистенција на авганистанските безбедносни сили, пишува МИА.

Почнувајќи од 2002 година во рамките на турскиот контингент, во коалиција од 50 – тина земји НАТО сојузници  и партнери, АРМ со околу 3 илјади македонски мировници во мисијата ИСАФ, значително придонесе за зачувувањето на мирот и изградбата на поразвиена демократија и поголема безбедност во Авганистан. Од друга страна, македонските мировници и Армијата како целина доби легитимитет и потврда на сигурен, доверлив и обучен партнер кај НАТО и останатите партнери.

Министерот за одбрана Зоран Јолевски по овој повод истакна дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО останува приоритет на Владата, на МО и на АРМ.

АРМ, истакна тој, ќе продолжи со реформите потребни да стане силна, да има капацитет да се справи со најсложените предизвици и да го заштити територијалниот интегритет и суверенитет и уставниот поредок на Република Македонија. Овие реформи, подвлече Јолевски, паралелно се значајни за натамошно зајакнување на интероперабилноста со нашите сојузници во НАТО.

– Иако де јуре Република Македонија не е членка на НАТО, со нашиот придонес во ИСАФ мисијата, како и во тековната мисија „Одлучна поддршка“, можам слободно да кажам дека де факто сме членка на НАТО. Ние сме сојузник на којшто може да му верувате и да се потпрете. Нема поголем доказ за  сојузништвото од тоа кога припадниците на АРМ заедно со војници на Алијансата се борат за зачувување на базичните вредности на НАТО, слободата и демократијата, рече Јолевски.

Министерот за одбрана им врачи благодарници на амбасадорите на 10 земји-членки на НАТО, кои дале поддршка за мировната мисија на АРМ ИСАФ во Аганистан.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески им се заблагодари на припадниците кои учествуваа во мисијата ИСАФ, за нивната несебична пожртвуваност, професионалност и солидарност.

Според Котески, мисијата ИСАФ е пресвртница за меѓународната сцена и како таква е пример за успешно остварување на заедничката цел реализирана од повеќе нации.

– Ние како дел од коалиционите сили успешно ги организиравме и реализиравме сите предизвици кои ни ги наметна ситуацијата. Покажавме дека сме рамноправен партнер со останатите армии, без разлика дали тие биле дел од НАТО илио не. Ми претставуваше особена чест како началник на ГШ на АРМ, рече, кога ги слушав зборовите на воените и политичките авторитети на ИСАФ „се чувствуваме сигурни во оваа команда, вашите војници се профеиоснални, одоговрни и храбри“, истакна началникот Котески.

Амбасадорот на Турција Омур Солендил, како контакт амбасада со НАТО, меѓу другото истакна дека Македонија е клучна земја за  мирот и просперитетот на Балканот, а преку учеството во повеќе мировни мисии покажа способност за да стане членка во сите евроатлантски институции, особено во НАТО.

– Турција е убедена дека Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО и затоа смета дека заслужува фер и еднаков третман, како и секоја друга земја аспирант. Отворањето на патот за членство е неопохпдн не само за Македонија, туку и за севкупната безбедност на Балканскиот регион, потенцира амбасадорот Соленсил, потврдувајќи ја уште еднаш поддршката за реформа и модернизација на АРМ.

Голема благодарност со македонските мировници од АРМ упати и амбасадорот на САД во заминување Пол Волерс, кој им се обрати на присутните мировници и рече:напорите на војниците како вас треба да бидат инспирација за сите нас за да продолжиме да се движиме напред кон целта а тоа е полноправно членство во НАТО.

– Времето поминато заедно во чизми на почва, во опасни опкружувања продолжува да ги зајакнува односите помеѓу Македонија и Алијансата. САД и партнерите остануваат посветени на заедничката работи во правец на исполнување на нејзините НАТО партнерски цели.Се радуваме  на денот кога Макеоднија ќе го заземе местото како поноправна членка на НАТО, рече Волерс.

На денешната свеченост и министерот Јолевски и амбасадорот Волерс меѓу останатите настани, го споменаа како исклучително важен 11 септември 2011 година кога, како што појаснија, за време на нападот на американската амбасада во Кабул македонските војници останале во нејзина одбрана рамо до рамо заедно со нивните американски сојузници.