Македонија

Македонските жени-криминалци експерти за измами со пари

Македонските жени-криминалци експерти за измами со пари

На македонското поднебје освен мажите, во криминалните води прсти имаат вмешано и жените. Иако најчесто се товарат за измами со пари, жените никогаш не треба да бидат потценети, со оглед на тоа што криминолозите предупредуваат дека во модерното општество жените се подготвени на се, па дури и да бидат на чело на криминална банда. Овие факти само ги уриваат стереотипите за жените во криминалот.

Македонија во изминативе години бележи низа измами со пари, во кои на врвот се нашла жена.

general-mimi-1

 

Триесет и петгодишната Мирјана Џамбазова., попозната како Генерал Мими заработувала така што им ветувала на граѓани дека ќе ги вработи во воената база „Бондстил“ во Косово, а за возврат барала пари. Нејзини жртви биле 12 скопјани, од кои Мими ветувајќи им работа во НАТО земала над пола милион денари. Таа на оштетените прво им зела по 100 евра наводно за апликацијата за вработување. Оние кои аплицирале за работа кај неа не поминале лесно, а еден останал и без работата која што ја имал.

blagica

Ништо подобро не поминаа ниту граѓаните кои кај фризерката Благица уплатија за стан. Дончевска минатата година „истрижи“ над четириесетина граѓани продавајќи им станови кои никогаш не ги добија. Таа се претставувала дека е вработена во Владата на проект за станови за млади и социјални случаи помогнат од Кралствата Холандија и Белгија.

blagica1

На почетокот таа продала станови на 4 семејства кои имаат хендикепиран член. Потоа од еден на друг се раширил муабетот за багателни станови од 400 евра по квадрат и кај други семејства. Становите претежно биле лоцирани  во Ѓорче Петров и Ново Лисиче. Од сметката на татко и каде легнувале парите, Благица рекла дека подигнала најмногу околу 70 илјади евра. Признала дека од овие пари купила автомобил „опел астра“, но не и останатите автомобили кои ги заплени полицијата. Таа за измамата со продажба на станови беше осудена на казна затвор од 8,5 години.

Персида Момировска, позната како Мадам Пепи беше осудена на три ипол години робија за пратката на два килограми кокаин и година ипол за шверцувањето брендирана облека и продавањето на црно. Самата призна дека немала ниту фискална каса, ниту ја пријавила вработената, фирмата била регистрирана на една, а станот, односно „бутикот од затворен тип“ бил на друга адреса. За десетината години продавање скапа облека на црно и заработката од неколку стотици илјади евра беа купени станови, куќа и автомобили.

pepi

Момировска беше уапсена откако на адресата на нејзиниот вујко, стечаец, кој тогаш работел како хигиеничар во општина Карпош, стигнала пратката со два килограми кокаин. Пратката била адресирана тому од „невината и наивна“ Момировска. Откако дознала дека пакетот е во рацете на полицијата, таа го спречила вујко си да оди да го подигне, мислејќи дека го решила проблемот. При апсењето на Момировска во претресот во станот користен како бутик беше запленета стока вредна околу 200.000 евра, наменета за богатата и пребирлива клиентела.

Меѓутоа најдолго ќе се памети проневерата на Соња Николовска. Таа се прослави со аферата ТАТ, која е најголема пирамидална финансиска измама во историјата на Македонија. Во аферата беа оштетени околу 13 илјади граѓани за износ од над 60 миолиони евра. Директорката и сопственичка на штедилницата ТАТ беше осудена на затвор во траење од 3,5 години за даночно затајување.

sonja

Аферата ТАТ, која изби во 1997.година остави длабоки траги во економијата на Македонија, особено во регионот на Битола кај што беше седиштето на штедилницата. Штедачите останале без своите заштеди. Се смета дека над 100 самоубиства на поранешни штедачи на ТАТ се директна последица од аферата, а покрај тоа и наталитетот во Битола во годините по ТАТ опаднал. Граѓаните ја загубија довербата во банкарскиот систем и ги повлекоа своите заштеди од банките, што ја наруши стабилноста на банкарскиот систем на Македонија, и ја зголеми цената на кредитите на подолг рок.

sonja1

Инаку, само една година пред избивањето на аферата, во 1996 година, тогашниот претседател Киро Глигоров лично на Соња Николовска и врачи признание за најдобра жена-бизнисмен.

Предрасудите дека жените не можат да сторат високософистициран или насилен криминал се минато, велат последните истражувања на криминолозите. Но, сите експерти се единствени дека во модерното општество жените се способни на сѐ, па и на водење организирани криминални банди.

И зад „Пинк Пантер“ стојат жени

За новата женска улога во криминалните активности зборува и примерот на легендарната балканска криминална група „Пинк Пантер“, која претставува кошмар за сите полиции во светот и е одговорна за најсмелите кражби, иако претежно крадат накит.

– Во секоја група на бандата може да има само една жена и имаме високи барања за нив, оти тие ги имаат водечките улоги. Мора да ја извршуваат главната работа… Влегуваат, снимаат и го носат планот. Тоа значи дека жените мора да се интелигентни, убави и мора да сакаат пари – изјави еден од клучните членови на групата за медиумите.

Групата функционира по 2000 година и во период од неколку години има ограбено 120 продавници во 20 различни земји. Постојат сомневања дека „Пинк Пантер“ е одговорна за повеќе од 300 милиони долари.