Македонско-руската бизнис комора прославува една деценија

Македонско-руската стопанска комора одбележува 10-годишно делување во насока на економско поврзување меѓу Република Македонија и Руската Федерација. Годишнината ќе ја одбележат задутре во Скопје на која покрај истакнување позначајни кативности реализирани во текот на изминатите 10 години, ќе бидат презентирани и идните планови и ангажман на Комората во правец на задржување на континуитетот, развојот и натамошното успешно делување.

Идејата за создавање на оваа организација произлезе пред 10 години од група ентузијасти за продлабочување и проширување на економската соработка меѓу Македонија и русија. Идејата ја промовираа во рамки на третата меѓувладина седница одржана на 25 март 2005 година во Скопје.

Од Македонско-руската стопанска комора сметаат дека денес таа е израз на вистинска врска помеѓу две пријателски земји, кои врз основа на традиционални, политички, културни и економски интереси токму со помош на оваа врска создаваат оптимални услови за инвестирање во развојот на бизнис заедниците на двете земји. – Со своите успешни заложби за континуирано промовирање на интересите на сите свои членки, Македонско-руската стопанска комора е веќе етаблиран и доверлив партнер на полето на соработка со Руската Федерација и е член на мешовитата Македонско-руска меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, посочуваат од Комората.

Најзначајниот ангажман на Македонско-руската стопанска комора е нејзиното вклучување во работната група за трговско-економска соработка при Меѓувладината комисија предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Според Комората тоа е потврда за капацитетот и стручноста на Македонско-руската стопанска комора во креирањето на политиките во економските односи со еден од најзначајните трговски партнери на нашата земја.

Како резултат на напорите на Комората е и потпишаниот договор за партнерство со Стопанската комора на Руската Федерација, како и со шест регионални руски стопански комори, преку што се отварува интензивна и плодна соработка.

Договорот за партнерство со Стопанската комора на Руската Федерација е потпишан во 2009 од страна на актуелниот извршен директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев и заменик претседател на Стопанскaта комора на Руската Федерација Георги Георгевич Петров, од кога се одвива официјална соработка меѓу двете комори.

Соработката на Македонско–руската стопанска комора со бизнис заедницата во Македонија е на високо ниво. Меѓу редовните активности на Комората е организација на саемски презентации и средби на претставници на компаниите по посебни индистриски гранки. Во моментов комората брои 200 компании членки од 17 различни стопански дејности.

Македонско-руската стопанска комора во соработка со своите активни членки, но и со помош на континуираната поддршка на релевантните институции во нашата земја и секако поддршката на Амбасадата на Руската Федерација во РМ, успева да трасира пат и создава поволна клима за соработка со руските бизнис партнери.